поглавја

  1. 1
  2. 2
  3. 3
  4. 4
  5. 5
  6. 6
  7. 7
  8. 8
  9. 9
  10. 10
  11. 11
  12. 12

Стар Завет

Нов Завет

Даниел 2 БИБЛИЈА (Свето Писмо): Стариот и Новиот Завет (MKB)

1. Во втората година на Навуходоносоровото владеење, Навуходоносор сонуваше сон: неговиот дух се вознемири заради тоа и сонот го остави.

2. Царот нареди да бидат повикани волшебниците и гаталците, проколнувачите и ѕвездарите за да му го протолкуваат сонот на царот. И така, дојдоа та застанаа пред царот.

3. Царот им рече: „Сонував еден сон, и мојот дух се возбуди од желбата да го разберам сонот.”

4. Халдејците му одговорија на царот на арамејски: „О цару, жив да си довека! Раскажи им го својот сон на своите слуги, а ние ќе ти го откриеме неговото значење.”

5. Царот одговори и им рече: „Мојата одлука е неотповиклива: ако не ми кажете што сум сонувал и што значи сонот, ќе бидете раскинати во делови, а вашите куќи ќе станат гноиште.

6. Но ако ми го откриете мојот сон и неговото значење ќе добиете од мене дарови и поклони и големи почести. И така откријте ми што сонував и што значи сонот.”

7. Тие одговорија: „Царот нека им го каже сонот на своите слуги, а ние ќе му го откриеме неговото значење.”

8. А царот рече: „Јас знам добро дека сакате да добиете во време, зашто знаете дека мојата одлука е неизменлива.

9. Ако не ми кажете што сум сонувал, значи дека имате намера да ме измамувате со измамливи зборови и со измислици додека некако не помине времето. Затоа, кажете ми го мојот сон, па ќе знам дали ќе можете да ми го кажете и неговото значење!”

10. Халдејците одговорија пред царот: „Нема човек во светот кој би можел да му открие нешто такво на царот. И затоа ниеден цар, ма колку да е голем и силен, не бара такво нешто од волшебниците, гаталците или ѕвездарите.

11. Тоа што го бараш, цару, тешко е, и нема никој што би можел да му го открие тоа на царот освен боговите, кои не живеат меѓу смртниците.”

12. Тогаш царот се разгневи многу и се налути та нареди да ги погубат сите вавилонски мудреци.

13. Откако беше објавена наредбата за да бидат убиени мудреците ги побараа Даниела и неговите другари за да ги погубат.

14. Но Даниел му се обрати со мудри и умни зборови на Ариох, заповедникот на царските телохранители, кој одеше да ги погуби вавилонските мудреци.

15. Тој му рече на Ариох, царскиот заповедник: „Зошто царот издаде толку строга наредба?” Ариох му раскажа на Даниела,

16. а Даниел отиде кај царот и го замоли да му даде време та ќе му го протолкува сонот.

17. И Даниел влезе во својата куќа та им кажа сè на Ананиј, Мисаил и Азариј, на своите другари,

18. за да молат милост од Небесниот Бог заради таа тајна, за да не загинат Даниел и неговите другари со другите вавилонски мудреци.

19. И му се јави тајната на Даниел во ноќно видение. А Даниел го благослови Небесниот Бог.

20. Даниел го прифати словото и рече: „Божјото име да биде благословено одвека довека, Негова е мудроста и силата.

21. Тој ги менува добата и времињата, ги руши и ги поставува царевите, им дава мудрост на мудрите, а знаење на проницливите.

22. Тој ги открива длабочините и тајните, знае што е во темнините и светлината живее во Него.

23. Тебе Те славам и фалам, о Боже на моите татковци, зашто ми даде мудрост и сила! Еве, ми го откри она за што Те молевме, ни го откри тоа што го бара царот.”

24. Даниел отиде кај Ариох, кому царот му нареди да ги погуби вавилонските мудреци. Влезе и му рече: „Не убивај ги вавилонските мудреци! Одведи ме кај царот па ќе му го протолкувам сонот.”

25. Тогаш Ариох неодложно го приведе Даниела кај царот и му рече: „Најдов човек од заробените синови на Јудеја, кој може да му го открие на царот значењето на сонот.”

26. Царот му рече на Даниела (кој се викаше Валтазар): „Дали си способен да ми кажеш што сонував и што значи сонот?”

27. Даниел одговори пред царот: „Тајната што царот ја истражува не можеа да му ја откријат на царот мудреците, волшебниците, гатачите и проколнувачите;

28. ама има на небото Бог Кој ги открива тајните, и Тој му го соопшти на царот Навуходоносор она што ќе биде во последните денови. Еве го твојот сон и она што ти се привидело во постелата:

29. Тебе цару, во твојата постела, ти дојдоа мисли за тоа што ќе се случи подоцна, а Откривателот на тајните ти соопшти она што ќе биде.

30. Иако немам мудрост повеќе отколку другите смртници, таа тајна ми е откриена само затоа за да му го соопштам на царот нејзиното значење и за да ги запознаеш мислите на своето срце.

31. О, цару, ти имаше привид: Ете, кип, голем кип, многу блескав стоеше пред тебе, страшен за очи.

32. Главата на кипот беше од чисто злато, градите и рацете од сребро, стомакот и бедрата од бронза,

33. нозете од железо, а стапалата делумно од железо, делумно од глина.

34. Ти набљудуваше: одненадеж се одвали камен а да не го допре рака, па удри во кипот, во стапалата од железо и глина, та го скрши.

35. Тогаш наеднаш се здроби железото и глината, бронзата, среброто и златото, и сè стана како плева на гумно лете, и ветерот го однесе сето без трага. А каменот што удри во кипот стана голема гора та ја наполни сета земја.

36. Тоа беше сонот; а неговото значење ќе го кажеме пред царот.”

37. „Ти, цару, цару над царевите, кому Небесниот Бог му даде царство сила, моќ и слава, -

38. во чии раце ги стави, каде и да се нашле човечките синови, полските животни, небесните птици, и те постави господар над сè тоа - ти си главата од злато.

39. По тебе ќе настане друго царство, послабо од твоето, па трето, од бронза, кое ќе господари со сета земја.

40. А четвртото царство ќе биде цврсто како железо, како железо што сотрува и здробува сè; како железо што крши, ќе ги скрши и ќе ги разбие сите оние царства.

41. Стапалата што ги виде, делумно од глина а делумно од железо се поделеното царство; ќе имаат нешто од цврстината на железото според што си видел железо измешано со глина.

42. Прстите на стапалата, делумно железо а делумно глина: царството ќе биде делумно цврсто а делумно кревко.

43. А што си видел железо измешано со глина: тие ќе се мешаат со човечко семе, но нема да се држат заедно, како што ни железото не може да се измеша со глина.

44. Во времето на овие цареви Небесниот Бог ќе подигне Царство кое никогаш нема да пропадне и не ќе помине врз некој друг народ. Тоа ќе ги разбие и ќе ги уништи сите оние царства, а самото ќе стои довека -

45. како што виде дека се одвали камен од брегот а да не го допре рака, та ги сотре железото, бронзата, глината, среброто и златото. Великиот Бог му соопшти на царот што има да се случи. Сонот е вистинит, а толкувањето му е веродостојно.”

46. Тогаш царот Навуходоносор падна ничкум и се поклони пред Даниела. Нареди да му принесат подарок и пријатно кадење.

47. И царот му рече на Даниела: „Навистина вашиот Бог е Бог над боговите и Господар над царевите, Откривател на тајните, кога можеше да ја откриеше оваа тајна.”

48. Царот го возвиши Даниела и го дарува со многу блескави дарови. Го постави за управител на сета вавилонска покраина и старешина на сите вавилонски мудреци.

49. Даниел го замоли царот да ги одреди за управители на вавилонската покраина Седрах, Мисах и Авденаго, а Даниел остана во царскиот дворец.