поглавја

  1. 1
  2. 2
  3. 3
  4. 4
  5. 5
  6. 6
  7. 7
  8. 8
  9. 9
  10. 10
  11. 11
  12. 12

Стар Завет

Нов Завет

Даниел 5 БИБЛИЈА (Свето Писмо): Стариот и Новиот Завет (MKB)

1. Царот Валтазар им приреди голема гозба на илјада свои големци.

2. Испијанет со вино, Валтазар нареди да се донесат златните и сребрените посатки, што неговиот татко Навуходоносор ги беше ограбил од ерусалимското Светилиште, па од нив да пијат царот, неговите големци, неговите жени и соложници.

3. И така ги донесоа златните и сребрените посатки грабнати од Божјиот Храм во Ерусалим, и почнаа да пијат од нив царот и неговите големци, неговите жени и соложници.

4. Пиеја вино и ги славеа своите богови од злато и сребро, од бронза и железо, од дрво и камен.

5. Одненадеж се појавија прсти на човечка рака кои почнаа да пишуваат, спроти големиот светилник, по варосаниот ѕид на царскиот дворец, и царот ја виде дланката на раката што пишуваше.

6. Царот пребледе, мислите го смутија, зглобовите на неговите колкови попуштија, и колената почнаа да му удираат едно со друго.

7. Гласно ги повика волшебниците, ѕвездарите и гаталците. И царот им рече на вавилонските мудреци: „Кој ќе го прочита ова писмо и му ја открие неговата смисла, ќе биде облечен во црвено сукно, ќе носи златна веришка околу вратот, и ќе биде трет во царството.”

8. Сите цареви мудреци пристапија, но не можеа да го прочитаат писмото, ниту да му го откријат значењето.

9. Царот Валтазар се исплаши многу заради тоа, пребледе, а неговите големци останаа збунети.

10. Царицата откако ги чу зборовите на царот и на големците, влезе во гозбената дворница и рече: „Цару, жив да бидеш довека! Твоите мисли нека не се возбудуваат и твоето лице нека не бледнее!

11. Во твоето царство има човек во кого е Духот на Светиот Бог. Уште во времето на твојот татко се најде во него светлина, разум и мудрост слична на мудроста на боговите. И затоа царот Навуходоносор, твојот татко, го назначи за старешина на волшебниците, гаталците, ѕвездарите и мудреците.

12. Бидејќи во тој Даниел - кого царот го нарече Валтазар - се најде вонреден дух, знаење, бистрина, вештина да ги толкува соништата, да ги решава гатанките и да ги разрешува тешкотиите, затоа повикај го Даниела, и тој ќе ти го каже значењето.”

13. Го доведоа Даниела пред царот, а царот го праша: „Дали си ти Даниел, еден од јудејските заточеници, кои татко ми, царот ги доведе од Јудеја?

14. Слушам дека Божјиот Дух е во тебе и дека во тебе се: светлината, разумот и вонредната мудрост.

15. Ми ги доведоа мудреците и волшебниците за да го прочитаат ова писмо и да ми го кажат неговото значење, ама тие не се способни да ми ја откријат неговата смисла.

16. А слушам дека ти можеш да дадеш толкување и дека разрешуваш гатанки. И така, ако можеш да го прочиташ ова писмо и да ми го кажеш неговото значење, ќе бидеш облечен во црвено сукно, и ќе носиш златна веришка околу вратот и ќе бидеш трет во царството.”

17. Даниел го прифати зборот и му одговори на царот: „Твоите дарови нека ти останат, и своите поклони дај им ги на други! А јас ќе го прочитам ова писмо на царот и ќе му го кажам неговото значење.

18. О цару, Сèвишниот Бог му даде царство, величина, чест и слава на Навуходоносор, твојот татко.

19. Заради величината што му ја даде трепереа од страв пред него народите, племињата и јазиците: тој убиваше според својата волја, го оставаше во живот кого што сакаше, го возвишуваше кого што сакаше, го понизуваше кого што сакаше.

20. Но кога срцето му се издигна и духот се ожесточи до дрскост, тогаш беше оборен од својот царски престол и славата му беше одземена.

21. Беше протеран од човечкото општество и неговото срце стана слично на животинското: престојуваше со диви ослици; јадеше трева како вол; небесната роса го миеше неговото тело, додека не созна дека Сèвишниот Бог има власт над човечкото царство и дека го става на чело оној кого што Тој сака.

22. Но ти, Валтазаре, сине негов, не го понижи своето срце иако го знаеше сè ова:

23. ти се издигна против Небесниот Господ, нареди да ти ги донесат посатките од Неговиот Храм и пиевте вино од нив, ти, твоите големци, твоите жени и твоите соложници, фалејќи ги боговите од злато и сребро, од бронза и железо, од дрво и камен кои не гледаат, не слушаат, ниту разбираат, а не Му даде слава на Бога Кој во Својата рака ги држи твојот здив и сите твои патишта.

24. И затоа Тој ја испрати оваа рака, која го напиша ова писмо.

25. А еве што е напишано: Мене, Мене, Текел, Уфарсин.

26. А тие зборови значат: Мене: Господ го измери твоето царство и му ставил крај:

27. Текел: беше мерен врз мерилка и најден си прелесен;

28. Уфарсин: твоето царство е разделено и им е предадено на Мидијанците и на Персијанците.”

29. Тогаш Валтазар нареди да го облечат Даниела во црвено сукно, да му обесат златна веришка околу вратот, и да го прогласат за трет во царството.

30. Во таа иста ноќ халдејскиот цар беше убиен.

31. А Мидијанецот Дариј го презеде царството веќе стар шеесет и две години.