поглавја

  1. 1
  2. 2
  3. 3
  4. 4

Стар Завет

Нов Завет

Колошаните 1 БИБЛИЈА (Свето Писмо): Стариот и Новиот Завет (MKB)

1. Павле, апостол на Исуса Христа преку Божјата волја и братот Тимотеј,

2. до светите и верни браќа во Христа, во Колос: благодат вам и мир од Бог нашиот Татко.

3. Му благодариме на Бог, и Таткото на нашиот Господ Исус Христос, молејќи се секогаш за вас,

4. зашто чувме за вашата вера во Христа Исуса и за љубовта, која ја имате кон сите свети,

5. заради надежта која се чува за вас на небесата, за која чувте порано од вистинското слово на Евангелието,

6. кое дојде при вас, како и во целиот свет, и плодоносно расте како и при вас, од оној ден кога го чувте и ја запознавте Божјата благодат во вистината,

7. како што го научивте од Епафрас, наш возљубен сотрудник во службата, кој е верен Христов служител за вас,

8. кој и нè извести за вашата љубов во Духот.

9. Затоа и ние од оној ден кога го чувме тоа, не прекратуваме да се молиме за вас и да просиме да се исполните со познавање на Неговата волја во секоја мудрост и духовно разбирање,

10. така што да одите достојно за Господа и да Му бидете угодни во сè; за да бидете плодоносни во секое добро дело и за да растете во познавањето на Бога;

11. зајакнувајќи со секаква сила, сообразно со силата на Неговата слава, за секаква непоколебливост и трпение; со радост

12. да Му благодарите на Бога, Кој нè оспособи за учество во наследството на светите во светлината.

13. Тој нè избави од власта на темнината и нè пресели во Царството на Својот возљубен Син,

14. во Кого имаме откуп, преку Неговата крв; простување на гревовите.

15. Тој е образ на невидливиот Бог, Првороден на секое создание,

16. зашто во Него е создадено сè што е во небесата и на земјата; видливо и невидливо, било престоли, или господства, или началства, или власти; сè е создадено преку Него и за Него.

17. И Тој е пред сè и сè во Него има свое сплотување.

18. Тој е и Глава на Телото, на Црквата: Тој е почеток, Првороден од мртвите, за да биде Прв во сè,

19. зашто во Него благоволи да се всели сета полнота,

20. и преку Него да измири кон Себе сè што е на земјата или на небото, творејќи мир преку крвта на Неговиот крст.

21. И вас, кои бевте некогаш отуѓени и непријатели, во своето мислење и во лошите дела,

22. сега ве измири преку смртта на Неговото човечко тело, за да ве изведе пред Себе: свети, непорочни и без вина,

23. само ако останете во верата засновани и цврсти и непоколебливи во надежта на Евангелието, кое го чувте, кое е проповедано на целото создание под небото и на кое јас, Павле, му станав служител.

24. Сега се радувам во своите страдања за вас - и во моето тело го дополнувам тоа што им недостига на Христовите маки, за Неговото Тело, Кое е Црквата,

25. на која јас и станав служител, според Божјото управителство, што ми е дадено за вас, за да го исполнам Божјото слово:

26. тајната, која беше сокриена за векови и поколенија, а која им е откриена сега на Неговите свети,

27. на кои Бог сакаше да им јави како е богата славата на оваа тајна меѓу народите: Христос во вас, надеж на славата.

28. Ние Го проповедаме Него, опоменувајќи го секој човек и учејќи го секој човек во сета мудрост, за да го претставиме секој човек совршен во Христа Исуса.

29. Затоа се трудам и се борам сообразно на Неговата делотворна сила, која дејствува силно во мене.