поглавја

  1. 1
  2. 2
  3. 3
  4. 4

Стар Завет

Нов Завет

Колошаните 3 БИБЛИЈА (Свето Писмо): Стариот и Новиот Завет (MKB)

1. И така, ако воскреснавте со Христа, барајте го она што е горе - каде што Христос седи оддесно на Бога.

2. Мислете за она што е горе, не за она што е на земјата,

3. зашто вие умревте и вашиот живот е сокриен со Христа во Бога!

4. А кога ќе се јави Христос, нашиот живот, тогаш и вие ќе се јавите со Него во слава.

5. И така, умртвете ги своите членови што се на земјата: блудството, нечистотата, страста, лошата желба и лакомството, што е идолопоклонство,

6. заради кои доаѓа Божјиот гнев на непослушните синови.

7. Меѓу кои и вие некогаш одевте, кога живеевте во нив.

8. Но сега, отфрлете го и вие сè ова: гневот, јароста, злобата, хулењето, срамните зборови од својата уста.

9. Не лажете се еден друг, зашто го соблековте стариот човек со неговите дела

10. и облековте нов, кој се обновува во полно познавање по образот на Оној, Кој го создал,

11. каде нема веќе Грк ни Јудеец, обрезание и необрезание, варварин, Скит, роб, слободен, туку Христос е сè и во сè.

12. И така, облечете се како Божји избраници, свети и возљубени, во милосрдно срце, благост, смиреност, кротост трпеливост!

13. Трпете се еден со друг и проштавајте си еден на друг, ако некој има поплака против некого, како што и Господ ви прости вам, така проштавајте и вие!

14. А над сето тоа облечете се во љубов, која сврзува сè во совршенство!

15. И Христовиот мир да владее во вашите срца, за кого сте и повикани во едно тело; и бидете благодарни!

16. Христовото слово да живее изобилно во вас; во секоја мудрост учете се и опоменувајте се еден друг со псалми, химни, духовни песни, пеејќи Му на Господа со благодат во вашите срца.

17. И сè што правите со збор или дело, правете сè во името на Господа Исуса, благодарејќи Му на Бог Таткото преку Него.

18. Жени, покорувајте им се на своите мажи, како што прилега во Господа!

19. Мажи, љубете ги своите жени и не бидете груби кон нив.

20. Деца, слушајте ги вашите родители во сè, зашто тоа Му е угодно на Господа!

21. Татковци, не ги дразнете своите деца, за да не станат малодушни!

22. Робови, слушајте ги во сè своите земни господари, не за очите како оние, кои им угодуваат на луѓето, туку во простотата на срцето, боејќи се од Господа!

23. Што и да правите, правете го од душата како за Господа, а не за луѓе,

24. знаејќи дека од Господа ќе ја примите наградата на наследството. Служете Му на Господа Христа!

25. Зашто, кој прави неправда, ќе ја прими обратно неправдата, и не се гледа кој е кој.