12. Но кога му поверуваа на Филип, кој го проповедаше Евангелието за царството Божјо и за името на Исус Христос, почнаа да се крштеваат мажи и жени.
13. Тогаш поверува и самиот Симон, и откако се крсти, постојано го придружуваше Филип; и, гледајќи дела големи и чудеса што се вршеа, се восхитуваше.
14. Кога слушнаа апостолите што беа во Ерусалим дека Самарија го примила словото Божјо, ги пратија кај нив Петар и Јован.
15. Тие, штом слегоа, се помолија за нив за да го примат Духот Свети.
16. Зашто сѐ уште не беше слегол ниту на еден од нив, а само беа крстени во името на Господа Исуса.
17. Тогаш апостолите положија над нив раце и тие Го примија Светиот Дух.
18. А Симон, кога виде дека Духот Свети се дава со полагање раце од апостолите, им донесе пари,
19. и им рече: „Дајте ми ја и мене таа власт, та над кого и да ги положам рацете, да Го прими Духот Свети!“
20. Но Петар му рече: „Среброто твое нека загине заедно со тебе, зашто помисли дека дарот Божји може да се стекне со пари.
21. Ти немаш дел ниту право на таа работа, бидејќи срцето твое не е право пред Бога.
22. Туку покај се за оваа зла намера и помоли Му се на Бога за да ти се прости помислата на срцето твое;
23. бидејќи те гледам дека си исполнет со горчлива жолчка и во окови на беззаконие.“
24. А Симон одговори: „Помолете Му се за мене на Господ вие, да не ме стигне ништо од она што рековте.“