Нов Завет

Матеј 26:10-26 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (MK2006D)

10. Но Исус, разбирајќи го тоа, им рече: „Зошто ја буните жената? Таа направи добро дело кон Мене!

11. Бидејќи сиромасите ги имате секогаш покрај себе, а Мене Ме немате секогаш;

12. таа, излевајќи го тоа миро врз телото Мое, Ме приготви за погреб.

13. Вистина, ви велам: каде и да биде проповедано ова Евангелие, по цел свет ќе се прикажува тоа што го направи таа, за нејзин спомен.“

14. Тогаш еден од дванаесетмината, по име Јуда Искариотски, отиде кај првосвештениците

15. и рече: „Што ќе ми дадете, па да ви Го предадам?“ А тие му предложија триесет сребреници.

16. И оттогаш тој бараше погодно време да Го предаде.

17. А во првиот ден на празникот Бесквасници пристапија кон Исус учениците и Му рекоа: „Каде сакаш да ти приготвиме да јадеш Пасха?“

18. Тој им рече: „Одете в град кај тој и тој човек и кажете му: ‚Учителот вели: времето Ми наближи, кај тебе ќе ја прославам Пасхата со учениците Свои.‘“

19. Учениците постапија како што им заповеда Исус и ја приготвија Пасхата.

20. Кога се стемни, Тој седна на трпезата со дванаесетте.

21. И кога јадеа, им рече: „Вистина ви велам: еден од вас ќе Ме предаде.“

22. Тие многу се нажалија и секој од нив почна да Го прашува: „Да не сум јас, Господи?“

23. А Тој им одговори и рече: „Оној што макна со Мене од чинијата, тој ќе Ме предаде.

24. Синот, пак, Човечки, си оди, како што е напишано за Него; но тешко му на оној човек преку кого Синот Човечки ќе биде предаден; подобро ќе беше за тој човек да не се беше родил.“

25. А Јуда, што Го предаде, одговори и рече: „Да не сум јас, Рави?“ Му одговори: „Ти рече.“

26. И кога јадеа, Исус зеде леб, го благослови, го прекрши, и откако им го даде на учениците, рече: „Земете, јадете, ова е Моето тело.“

Прочитајте целосна глава Матеј 26