1. Павле, по волјата Божја апостол на Исус Христос, и братот Тимотеј,
2. до светиите и верните браќа во Исус Христос што се во Колоси: благодат вам и мир од Бога нашиот Отец и Господ Христос!
3. Му благодариме на Бога и Отецот на нашиот Господ Исус Христос, секогаш кога се молиме за вас,
4. бидејќи слушнавме за вашата вера во Христос Исус и за љубовта ваша, која ја имате кон сите светии,
5. поради надежта која се чува за вас на небесата, за која порано сте слушнале од словото на вистината – Евангелието,
6. кое е во вас, како и во целиот свет, и принесува плод и расте, како и меѓу вас од оној ден кога ја чувте и познавте Божјата благодат во вистината;
7. како што и научивте од Епафрас, нашиот возљубен соработник, кој е верен служител Христов заради вас,
8. и кој нѐ извести за вашата љубов во Духот.
9. Затоа и ние, од оној ден кога го чувме тоа, непрестано се молиме и сакаме да се исполните со познание на Неговата волја во секоја мудрост и духовно разбирање,
10. та да постапувате достојно за Бога, угодувајќи Му во сѐ, принесувајќи плод во секое добро дело и да растете во познанието на Бога,
11. укрепувајќи се со секаква сила преку Неговата славна моќ за секаква трпеливост и великодушност со радост,
12. благодарејќи Му на Бога и Отецот, Кој нѐ направи способни да учествуваме во наследството на светиите во светлината,
13. нѐ избави од власта на темнината и нѐ воведе во царството на Својот возљубен Син,
14. во Кого имаме откуп преку крвта Негова и простување на гревовите.