Нов Завет

Марко 1:13-28 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)

13. Таму Тој остана четириесет дена и Сатаната Го искушуваше. Исус живееше сред диви животни, но ангелите се грижеа за Него.

14. Подоцна, кога владетелот Ирод Антипа го затвори Јована Крстител, Исус отиде во Галилеја за да ја проповеда Божјата Радосна вест.

15. Говореше: „Дојде времето! Божјото царство се приближува! Покајте се и верувајте во Радосната вест!“

16. Одејќи по брегот на Галилејското Езеро, Исус ги забележа браќата Симон и Андреј. Тие беа рибари и ги поставуваа своите рибарски мрежи во езерото.

17. Исус им рече: „Тргнете по Мене и Јас ќе ве научам како да ловите луѓе, а не риби!“

18. Двајцата браќа веднаш ги оставија своите мрежи и тргнаа по Него.

19. Малку понатаму, Исус ги забележа Завдаевите синови Јаков и Јован. Тие седеа во своето бротче и си ги крпеа рибарските мрежи. Веднаш ги повика и нив.

20. Оставајќи ги својот татко и наемните работници во бротчето, тие тргнаа по Исус.

21. Придружуван од Своите ученици, Исус отиде во градот Кафарнаум. Во саботата, отиде во синагогата и почна да ги поучува луѓето.

22. Сите беа восхитени од Неговото учење. Тој поучуваше со вистински авторитет, а не како вероучителите.

23. Одненадеж, во синагогата влезе еден човек обземен со демонски дух и почна да вика:

24. „Што ќе ни сториш, Исусе од Назарет!? Дојде за да нe уништиш, нели!? Те знам Кој си: Ти си Божјиот Светец!“

25. Исус му заповеда на демонскиот дух: „Замолкни и излези од човекот!“

26. Демонскиот дух го стресе човекот и со силна викотница излезе од него.

27. Луѓето останаа вчудовидени и си велеа еден на друг: „Што е ова? Некое ново и моќно учење! На демонски духови им заповеда и тие Му се покоруваат!“

28. Вестите за Исус бргу се раширија по цела Галилеја.

Прочитајте целосна глава Марко 1