Нов Завет

Колосјаните 1:1-7 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)

1. Од Павле, избран од Бог да Му биде апостол на Исус Христос, и од нашиот брат по вера Тимотеј,

2. до христијаните во градот Колос, до нашите пријатели, верни следбеници на Христос. Бог, нашиот Татко, нека ви биде благонаклонет и нека ви даде мир.

3. Секогаш кога се молиме за вас, Му благодариме на Бог, Таткото на нашиот Господ Исус Христос,

4. зашто слушнавме за вашата вера во Исус Христос, и за љубовта што ја имате спрема сите Божји луѓе.

5. Вашата вера и љубов се засновани врз надежта што ја имате за она што е подготвено за вас на небото. За тоа слушнавте од вистинитата порака - од Радосната вест.

6. Таа се проповеда по целиот свет и се шири со голем успех, давајќи плодови како и кај вас, од првиот ден кога ја слушнавте вистината и дознавте колку Бог ни е благонаклонет.

7. Радосната вест ја слушнавте од Епафрас, нашиот драг соработник, човек што верно Му служи на Христос и работи за вас.

Прочитајте целосна глава Колосјаните 1