Нов Завет

Јуда 1:2-17 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)

2. Бог нека ви даде во изобилие милост, мир и љубов.

3. Драги пријатели, многу сакав да ви пишувам за нашето заедничко спасение што го имаме, но сметам дека е неопходно да ви напишам и да ве охрабрам да ја браните верата што еднаш засекогаш Бог им ја предаде на Своите верни следбеници.

4. Се вовлекоа меѓу вас безбожни луѓе, што ја извртуваат пораката за благонаклоноста на нашиот Бог, за да си го оправдаат сопствениот разврат. Тие не Го признаваат нашиот единствен Владетел и Господ Исус Христос. За нив во Светото Писмо уште одамна е запишано дека ќе бидат осудени.

5. Сакам да ве потсетам на тоа што вие веќе го знаете. Иако Господ го избави својот народ од Египет, сепак потоа ги уништи сите што немаа доверба во Бог.

6. Ангелите што не ги исполнуваа задолженијата што им беа дадени, туку ги напуштија своите места, Тој ги окова во вечни вериги, и ги чува во мрак, се до големиот Суден ден.

7. Содом и Гомора, заедно со околните градови, се оддадоа на блуд и неприродни телесни страсти. Затоа за казна беа фрлени во вечен оган, за да им служат како предупредување на луѓето.

8. На сличен начин и овие луѓе, вообразени мечтатели, од една страна си ги поганат сопствените тела, а од друга ја презираат врховната власт на Бог и ги навредуваат славните суштества.

9. Дури ни архангел Михаел, кога се препираше со Ѓаволот околу телото на Мојсеј, не се осмели да изнесе против него навредливо обвинение, туку рече: „Господ да те прекори!“

10. Овие луѓе го навредуваат она што не го разбираат. Тие знаат да го прават само она што е инстинктивно, како безумните животни. Тоа ќе ги уништи!

11. Тешко ним, зашто тргнаа по патот на Каин! Како Балаам, за пари се ќе направат! Како и Корах, ќе изгинат поради своето бунтовништво.

12. Овие луѓе се црна дамка на вашите заеднички спомен-вечери. Се гоштаваат со вас без трошка страв. Само за себе се грижат. Тие се облаци што многу ветуваат, но дожд во нив нема. Тие се овошки без плодови во време на берба, двојно мртви, зашто и корењата им се извадени.

13. Тие се разбеснети морски бранови кои како пена ги исфрлаат на брегот своите срамни дела. Тие се заскитани ѕвезди, забревтани кон вечна и најцрна темнина.

14. За таквите луѓе пророкувал Енох, кој живеел во седмата генерација по Адам, кога рекол: „Ете, доаѓа Господ со десетици илјади Свои светии

15. да им суди на сите, да ги осуди безбожниците за сите нивни зли дела, што безбожно ги извршија, за сите навредливи зборови што против Него ги изрекоа безбожните грешници.“

16. Тие се луѓе што негодуваат и постојано имаат поплаки, а се раководат само од сопствените телесни похоти. Постојано се фалат и им ласкаат на сите од кои можат да имаат некаква корист.

17. Но вие, драги пријатели, помнете го сето она на што ве поучуваа апостолите на нашиот Господ Исус Христос.

Прочитајте целосна глава Јуда 1