Нов Завет

Ефесјаните 6:1-11 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)

1. Деца, бидете им послушни на своите родители бидејќи вие Му припаѓате на Господ. Тоа е примерно поведение.

2. Првата од Десетте заповеди што содржи и ветување гласи: „Почитувај ги своите татко и мајка.“

3. А ветувањето е: „за да ви биде добро и долго да поживеете на Земјата.“

4. Татковци, немојте да предизвикувате лутина кај вашите деца. Одгледувајте ги и воспитувајте ги во Господовото учење.

5. Робови, бидете им послушни на вашите земни господари, со страхопочит, искрено, од се срце, како да Му служите на Христос.

6. Работете чесно, не само кога ве гледаат, и не за да ја добиете нивната наклоност, туку како робови на Христос кои од се срце ја исполнуваат Божјата волја.

7. Ревносно исполнувајте ги вашите должности, правејќи го тоа како за Господ, а не како за луѓето,

8. зашто знаете дека секој што прави добро, било да е роб или слободен, ќе биде награден од Господ.

9. Истото важи и за вас, господари. Однесувајте се спрема вашите робови според истите принципи и немојте да им се заканувате, зашто знаете дека и тие и вие имате еден ист Господ на небото, кај Кого нема пристрасност!

10. На крајот ви порачувам да црпите сила од Господ и од Неговата огромна моќ.

11. Облечете го целосно Божјиот оклоп, за да можете да ги издржите подмолните напади на Ѓаволот.

Прочитајте целосна глава Ефесјаните 6