Нов Завет

1 Петар 2:9-25 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)

9. Но вие сте одбрани луѓе, царско свештенство, свет народ, луѓе што Му припаѓаат на Бог. Вие сте избрани за да им ја покажете на луѓето Божјата добрина, зашто Тој ве изведе од темнината и ве воведе во Својата прекрасна светлина.

10. „Вие што порано не бевте сметани за народ, сега сте Божји народ; вие над кои немаше кој да се сожали, сега добивте милост од Бога.“

11. Драги мои, вие сте привремени жители, туѓинци на оваа Земја. Затоа ве молам да не им се препуштате на телесните страсти, зашто тие војуваат против вашите души.

12. Однесувајте се примерно спрема луѓето кои не Го познаваат Бога. Иако тие ве клеветат дека сте злосторници, кога ќе видат дека вршите добри дела, ќе Го прослават Бога во денот кога Тој ќе ги посети.

13. Заради Господ, покорувајте им се на институциите на власта: било на царот, како на врховен владетел,

14. било на управниците назначени од него. Тие се поставени за да ги казнуваат злосторниците, а да ги пофалуваат оние што прават добро.

15. Бог сака со правење добро да ги замолкнете неоснованите обвинувања на неразумните луѓе.

16. Вие не сте робови, туку слободни луѓе, но не треба да ја користите слободата како изговор за да правите зло, туку да живеете служејќи Му на Бог.

17. Почитувајте ги сите луѓе. Сакајте ги христијаните, имајте страхопочит спрема Бог и почитувајте ја власта.

18. Слуги, покорувајте им се со страхопочит на вашите господари, не само на оние што се добри и кротки, туку и на оние што се сурови.

19. Вредно е во Божјите очи ако од обѕири спрема Него трпеливо поднесувате страдања на кои сте неправедно изложени.

20. Инаку, зар би било за пофалба, ако трпите заслужена казна!? Но ако правите добро, а сепак страдате, тоа е вредно во Божјите очи.

21. Токму заради ова Бог и ве одбра. Христос страдаше за вас и ви даде пример што треба да го следите.

22. „Грев Тој не направи, лага не изусти.“

23. Кога Го навредуваа, Тој не им возвраќаше со навреди. Кога страдаше, Тој не се закануваше, туку се препушти во рацете на Бог, Кој суди праведно.

24. Ги зеде нашите гревови врз себе, на крстот, за да бидеме мртви за гревот, и да почнеме да живееме за праведноста. Тој доби рани за да бидете вие здрави.

25. Талкавте како залутани овци. Но сега се вративте кај Пастирот, кај Оној што се грижи за вашите души.

Прочитајте целосна глава 1 Петар 2