Стар Завет

Нов Завет

Јоил 2:7-20 БИБЛИЈА (Свето Писмо): Стариот и Новиот Завет (MKB)

7. Скокаат како јунаци, се искачуваат на ѕидовите како војници. Секој оди право напред, не отстапува од својот пат.

8. Не се стискаат еден друг, туку секој оди по својата патека. Паѓаат од стрели, не прекинувајќи ги редовите.

9. Се спуштаат врз градот, скокаат на ѕидовите, се искачуваат на куќите и влегуваат низ окната како крадец.

10. Пред нив се тресе земјата, небото трепери, сонцето, месечината потемнуваат, на ѕвездите им гасне блесокот.

11. И Господ ќе испрати Свој глас пред Своето воинство. Зашто сосем многубројна е Неговата војска, силен извршител на Неговата заповед. Да, величествен е Господовиот ден и многу страшен. Кој ќе го истрпи?

12. „Но и сега - Господово е словото - вратете се кон Мене со сето свое срце во пост, плач и ридање.”

13. Раскинете ги срцата, а не своите облеки! Обратете Му се на Бога, вашиот Бог, зашто Тој е добар и многумилостив, Тој ќе се сожали на бедата.

14. Кој знае не ќе ли се нажали пак, не ќе ли остави благослов зад Себе! Лебниот принос и налевници за Господа, вашиот Бог!

15. Свирете во рог на Сион! Наредете свет пост, огласете свечен собир,

16. соберете го народот, осветете го соборот. Соберете ги старците, приберете ги децата, па и доилчињата од градите. Младоженецот нека излезе од свадбената соба, а невестата од ложницата.

17. Меѓу тремот и жртвеникот нека плачат свештениците, Господовите слуги. Нека молат: „Смили му се Господи, на Својот народ! Не му го предавај Своето наследство на срамот, на потсмев на народите. Зошто да се рече меѓу народите: ‘Каде им е нивниот Бог?’”

18. Тогаш Господ, ќе ревнува за Својата земја, и ќе го помилува Својот народ.

19. Господ ќе му одговори на Својот народ: „Еве ви испраќам жито, вино и масло, за да се наситите со нив. Никогаш веќе не ќе дозволам да им бидете срам на народите.

20. Ќе го протерам дојдениот од север далеку од вас, ќе го протерам во сува и пуста земја, со неговата претходница до Источното Море, со неговата заднина до Западното Море. Ќе се крене неговиот непријатен мирис, ќе се дига неговата смрдеа. Зашто направил многу.”

Прочитајте целосна глава Јоил 2