поглавја

  1. 1
  2. 2
  3. 3

Стар Завет

Нов Завет

Јоил 2 БИБЛИЈА (Свето Писмо): Стариот и Новиот Завет (MKB)

1. Трубете во труба на Сион! Дајте тревога на светата ми гора! Нека треперат сите жители на земјата, зашто доаѓа Господовнот ден. Да, тој е близу.

2. Ден полн со мрак и темнина, облачен и темен. Како зора по горите се шири јак и многуброен народ, каков немаше никогаш порано. ниту ќе го има некогаш до најдалечните времиња.

3. Пред нив огнот изедува, по нив пламенот голта. Земјата е како рајска градина пред него, а по него тажна пустина. Ништо не му бега.

4. Личат на коњи, трчаат како коњаници.

5. Бучат како бојна кола, скокаат по горските врвови, потпукнуваат како огнен пламен кога ја изедува нивата со тврдо зрно, како силна војска во боен ред.

6. Пред нив треперат народите и секое лице пребледнува.

7. Скокаат како јунаци, се искачуваат на ѕидовите како војници. Секој оди право напред, не отстапува од својот пат.

8. Не се стискаат еден друг, туку секој оди по својата патека. Паѓаат од стрели, не прекинувајќи ги редовите.

9. Се спуштаат врз градот, скокаат на ѕидовите, се искачуваат на куќите и влегуваат низ окната како крадец.

10. Пред нив се тресе земјата, небото трепери, сонцето, месечината потемнуваат, на ѕвездите им гасне блесокот.

11. И Господ ќе испрати Свој глас пред Своето воинство. Зашто сосем многубројна е Неговата војска, силен извршител на Неговата заповед. Да, величествен е Господовиот ден и многу страшен. Кој ќе го истрпи?

12. „Но и сега - Господово е словото - вратете се кон Мене со сето свое срце во пост, плач и ридање.”

13. Раскинете ги срцата, а не своите облеки! Обратете Му се на Бога, вашиот Бог, зашто Тој е добар и многумилостив, Тој ќе се сожали на бедата.

14. Кој знае не ќе ли се нажали пак, не ќе ли остави благослов зад Себе! Лебниот принос и налевници за Господа, вашиот Бог!

15. Свирете во рог на Сион! Наредете свет пост, огласете свечен собир,

16. соберете го народот, осветете го соборот. Соберете ги старците, приберете ги децата, па и доилчињата од градите. Младоженецот нека излезе од свадбената соба, а невестата од ложницата.

17. Меѓу тремот и жртвеникот нека плачат свештениците, Господовите слуги. Нека молат: „Смили му се Господи, на Својот народ! Не му го предавај Своето наследство на срамот, на потсмев на народите. Зошто да се рече меѓу народите: ‘Каде им е нивниот Бог?’”

18. Тогаш Господ, ќе ревнува за Својата земја, и ќе го помилува Својот народ.

19. Господ ќе му одговори на Својот народ: „Еве ви испраќам жито, вино и масло, за да се наситите со нив. Никогаш веќе не ќе дозволам да им бидете срам на народите.

20. Ќе го протерам дојдениот од север далеку од вас, ќе го протерам во сува и пуста земја, со неговата претходница до Источното Море, со неговата заднина до Западното Море. Ќе се крене неговиот непријатен мирис, ќе се дига неговата смрдеа. Зашто направил многу.”

21. О земјо, не бој се! Биди весела, радувај се, зашто Господ направи големи дела.

22. Полски ѕверови, не бојте се; пасиштата во пустината се зеленеат пак, овошките даваат род, смоквата и лозата носат изобилство.

23. Сионски синови, радувајте се, веселете се во Господа, вашиот Бог; зашто ви дава есенски дожд во права мера, излеа дожд врз вас, есенски и пролетен дожд како некогаш.

24. Гумната ќе бидат полни со жито, каците ќе се прелеваат од вино и масло.

25. „Ќе ви ги надоместам годините што ги изедоа скакулецот, гасеницата, црвецот и бубачката, Мојата силна војска што ја испратив против вас.

26. Ќе јадете изобилно, ќе јадете до ситка, ќе го славите името на Господа, вашиот Бог, Кој постапуваше чудесно со вас. Мојот народ не ќе се засрами никогаш веќе.

27. Ќе знаете дека Сум сред Израел, дека Јас Сум Господ, ваш Бог, и никој друг. Мојот народ нема да се засрами.

28. По ова ќе го излеам Мојот Дух на секое тело, и вашите синови и ќерки ќе пророкуваат, вашите старци ќе сонуваат соништа, а вашите момчиња ќе гледаат виденија.

29. Па и на слугите и на слугинките ќе го излеам Мојот Дух во оние денови.

30. Ќе покажам знаци на небото и на земјата, крв и оган и столбови дим.

31. Сонцето ќе се претвори во темнина, а месечината во крв, пред да настапи Господовиот Ден, голем и страшен.

32. Сите што го повикуваат Господовото име ќе бидат спасени, зашто спасението ќе биде на гората Сион и во Ерусалим, како што рече Господ, а меѓу преживеаните оние кои Господ ќе ги повика.