Стар Завет

Нов Завет

Филипќаните 4:3-14 БИБЛИЈА (Свето Писмо): Стариот и Новиот Завет (MKB)

3. Да, те молам и тебе, верен другар, помагај им, зашто заедно со мене се трудеа во проповедањето на Евангелието, и со Климент, и со другите мои соработници, чии имиња се во Книгата на животот.

4. Радувајте се секогаш во Господа! Пак велам: радувајте се!

5. Вашата кротост да им биде позната на сите луѓе! Господ е близу.

6. Не грижете се за ништо, туку во сè преку молитва и молба со благодарност искажувајте ги своите просби пред Бога!

7. И Божјиот мир, што го надвишува секој ум, ќе ги запази вашите срца и вашите мисли во Христа Исуса.

8. Впрочем, браќа, сè што е вистинско, што е чесно, што е праведно, што е чисто, што е љубезно, што е на добар глас - ако е некаква добродетел, ако е некаква пофалба - мислете на тоа!

9. Она што го научивте, и примивте, и чувте, и видовте на мене - правете го тоа, и Бог на мирот ќе биде со вас!

10. Се зарадував многу во Господа, зашто сега најпосле ја оживеавте својата грижа за мене. Вие и инаку се грижевте, но немавте прилика.

11. Не го зборувам тоа заради скудност, зашто научив да бидам задоволен со она во што сум.

12. Знам да живеам и во скудност, знам и во изобилство, научен сум на сè и во сешто: да бидам сит и да гладувам; да сум во изобилство и во скудност.

13. Сè можам преку Христа, Кој ми дава сила.

14. Туку добро направивте, што зедовте учество во моите неволји.

Прочитајте целосна глава Филипќаните 4