поглавја

  1. 1
  2. 2
  3. 3
  4. 4
  5. 5
  6. 6
  7. 7
  8. 8
  9. 9
  10. 10
  11. 11
  12. 12
  13. 13

Стар Завет

Нов Завет

Евреите 1 БИБЛИЈА (Свето Писмо): Стариот и Новиот Завет (MKB)

1. Бог, Кој од стари времиња, многупати и на многу начини, им зборуваше на нашите татковци преку пророците, во последниве денови ни зборуваше преку Синот,

2. Кого Го постави за наследник на сè и преку Кого ги создаде и вековите.

3. Тој е одблесок на Неговата слава и одраз на Неговото битие, Кој носи сè со Своето силно Слово, Кој го изврши очистувањето на гревовите и седна оддесно на Величеството во висините,

4. и стана толку повозвишен од ангелите, колку што наследи повозвишено име од нив.

5. Зашто, кому од ангелите некогаш му рекол: „Ти си Мој Син; Јас Те родив денес” и пак: „Јас ќе Му бидам Татко и Тој ќе ми биде Син?”

6. И пак, кога Го воведе Првородениот во светот, вели: „И да Му се поклонат сите Божји ангели!

7. А за ангелите вели: „Кој Своите ангели ги прави ветрови и Своите слуги огнен пламен.”

8. А за Синот вели: „Твојот престол, Боже, стои во сите векови и жезол на правдата е жезолот на Твоето Царство.

9. Ја возљуби правдата, а го замрази беззаконието, затоа, о Боже, Твојот Бог Те помаза со масло на радоста, повеќе од Твоите соучесници”,

10. и: „Ти, Господи во почеток ја основа земјата, и небесата се дело на Твоите раце.

11. Таа ќе помине, а Ти остануваш. И сета ќе остари како облека,

12. и ќе ги свиткаш како наметка, и тие ќе се изменат. А Ти си секогаш ист и Твоите години нема да се свршат.”

13. А кому од ангелите некогаш му рекол: „Седни Ми оддесно додека не ги положам Твоите непријатели за подножје на Твоите нозе?”

14. Не се ли тие сите службени духови, испратени да им служат на оние, кои ќе го наследат спасението?