поглавја

  1. 1
  2. 2
  3. 3
  4. 4
  5. 5
  6. 6
  7. 7
  8. 8
  9. 9
  10. 10
  11. 11
  12. 12
  13. 13

Стар Завет

Нов Завет

Евреите 10 БИБЛИЈА (Свето Писмо): Стариот и Новиот Завет (MKB)

1. Зашто Законот ја има само сенката на идните добра, а не и самата суштина на нештата, и не може секогаш со истите жртви, што се принесуваат секоја година постојано, да ги усоврши оние, кои му пристапуваат.

2. Инаку би престанале да ги принесуваат, зашто не би биле свесни за гревови оние кои служејќи така, еднаш се очистени.

3. Но тие секоја година напомнуваат на гревовите

4. зашто крвта на биковите и јарците не може да ги отстрани гревовите.

5. Затоа, влегувајќи во светот вели: „Жртви и приноси Ти не посака, но ми приготви тело.

6. Сèпалениците и жртвите за грев не Ти беа угодни.”

7. Тогаш реков: Еве, доаѓам, во книжен свиток за Мене е напишано, да ја исполнам Твојата волја, О Боже.

8. Додека погоре вели: „Ни жртви, ни приноси, ни паленици, ни жртви за грев не посака; ниту Ти беа угодни” - тие се принесуваат според Законот,

9. потоа рече: „Еве, доаѓам да ја исполнам Твојата волја.” Така го отстранува првото, за да го воспостави второто.

10. Според таа волја осветени сме преку приносот на телото на Исуса Христа еднаш засекогаш.

11. И секој свештеник, навистина, стои секој ден, и служи принесувајќи ги многупати истите жртви, кои никогаш не можат да ги отстранат гревовите.

12. Но Тој принесе само една жртва за гревовите, и засекогаш седна оддесно на Бога,

13. и чека натаму додека Неговите непријатели бидат поставени за подножје на Неговите нозе.

14. Зашто Тој со едно принесување ги направи совршени засекогаш оние, кои се осветуваа.

15. А и Светиот Дух ни сведочи за тоа, откако рече:

16. ”Ова е заветот, кој ќе го склучам со нив по оние денови, вели Господ, ќе ги положам Своите закони на нивните срца и ќе ги напишам на нивниот ум,

17. и за нивните гревови и за нивните беззаконија нема веќе да си спомнувам.”

18. А каде има проштавање за нив, таму нема веќе приноси за грев.

19. И така, браќа, кога имаме смелост да влегуваме во Светината преку крвта на Исуса,

20. Кој ни го отвори новиот и живиот пат низ завесата, односно Неговото тело,

21. и откако Го имаме Врховниот Свештеник над Божјиот дом,

22. да пристапуваме со искрено срце во полна увереност на верата, со срца кои преку попрскување се очистени од зла совест и со тело измиено во чиста вода.

23. Да го држиме непоколебливо исповедувањето на нашата надеж, зашто е верен Оној, Кој ветил

24. и да внимаваме на тоа да се поттикнуваме еден со друг кон љубов и добри дела!

25. Да не ги напуштаме своите собранија, како што некои имаат обичај, туку да се бодриме еден друг, и тоа дотолку повеќе, доколку гледате дека наближува Денот!

26. Зашто, ако грешиме самоволно откако го примивме полното познание на вистината, не останува веќе жртва за гревовите,

27. туку само страшно очекување на судот и ревност на огнот, што ќе ги проголта противниците.

28. Кога некој го презре Мојсеевиот закон умира без милост, во присуство на двајца или тројца сведоци.

29. Колку полоша казна, мислите, ќе заслужи оној, кој Го подгазил Божјиот Син и ја смета нечиста крвта на заветот, со која бил осветен, и Го навредил Духот на благодатта?

30. Зашто ние Го знаеме Оној Кој рече: „Одмаздата е Моја, Јас ќе вратам!” И пак: „Господ ќе му суди на Својот народ.”

31. Страшно е да се падне во рацете на живиот Бог.

32. Спомнувајте си за поранешните денови, кога просветени претрпевте голема борба на страдања,

33. со тоа што бевте од една страна изложени јавно на хулења и неволји, а од друга страна станавте соучесници на оние кои страдат така.

34. Зашто страдавте заедно и со оние кои беа во окови и со радост го примивте разграбувањето на својот имот, знаејќи дека имате подобар и траен имот.

35. И така, не отфрлајте ја вашата доверба, која има голема награда.

36. Имено, вам ви е потребно трпение, за да ја исполните Божјата волја и да го добиете ветувањето.

37. Зашто: уште малку, мошне малку, и Оној Кој доаѓа ќе дојде, и нема да се забави.

38. А Мојот праведник ќе живее од верата, ако ли се повлече, Мојата душа нема да благоволи во него.”

39. А ние не сме од оние кои се повлекуваат за погибел, туку од оние кои веруваат за спасение на душата.