Нов Завет

Матеј 4:4-20 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (MK2006D)

4. А Тој му одговори и рече: „Напишано е – ‚Човек не живее само од леб, туку и од секој збор што излегува од устата на Бога.‘“

5. Тогаш ѓаволот Го одведе во светиот град и Го постави на стреата од храмот

6. и Му рече: „Ако си Син Божји, скокни долу, зашто напишано е: ‚На ангелите Свои ќе им заповеда за Тебе да Те запазат и на раце ќе Те земат за да не си ја сопнеш ногата од камен.‘“

7. А Исус му рече: „Напишано е исто така – ‚Не искушувај Го Господа, Твојот Бог.‘“

8. Повторно ѓаволот Го одведе на многу висока планина и Му ги покажа сите царства на светот и нивната слава

9. и Му рече: „Сето ова ќе Ти го дадам, ако паднеш и ми се поклониш.“

10. Но, Исус му рече: „Бегај од Мене, сатано, зашто е напишано: ‚На Господа, Твојот Бог, да Му се поклонуваш и само Нему да Му служиш!‘“

11. Тогаш ѓаволот Го остави и веднаш дојдоа ангели и Му служеа.

12. А кога Исус чу дека Јован е предаден, отиде во Галилеја.

13. И кога го остави Назарет, дојде и се насели во Капернаум приморски, во пределите Завулонови и Нефталимови,

14. за да се исполни реченото преку пророкот Исаија, кој вели:

15. „Земјата Завулонова и земјата Нефталимова, на пат кон морето, отаде Јордан, е незнабожечка Галилеја.

16. Народот, што седеше во темнина, виде голема светлина и на оние, што седеа во пределот и во смртна сенка, им изгреа светлина.“

17. Оттогаш Исус почна да проповеда и да говори: „Покајте се, зашто се приближи царството небесно!“

18. И одејќи покрај Галилејското Море, ги виде двајцата браќа, Симон, наречен Петар, и брат му Андреј, како фрлаат мрежа во морето, бидејќи беа рибари.

19. И им рече: „Појдете по Мене и Јас ќе ве направам ловци на луѓе.“

20. И ете, тие веднаш ги оставија мрежите и тргнаа по Него.

Прочитајте целосна глава Матеј 4