22. Тие многу се нажалија и секој од нив почна да Го прашува: „Да не сум јас, Господи?“
23. А Тој им одговори и рече: „Оној што макна со Мене од чинијата, тој ќе Ме предаде.
24. Синот, пак, Човечки, си оди, како што е напишано за Него; но тешко му на оној човек преку кого Синот Човечки ќе биде предаден; подобро ќе беше за тој човек да не се беше родил.“
25. А Јуда, што Го предаде, одговори и рече: „Да не сум јас, Рави?“ Му одговори: „Ти рече.“
26. И кога јадеа, Исус зеде леб, го благослови, го прекрши, и откако им го даде на учениците, рече: „Земете, јадете, ова е Моето тело.“
27. И кога ја зеде чашата, заблагодари, им даде и рече: „Пијте од неа сите;
28. зашто ова е Мојата крв на Новиот завет, која се пролева за мнозина, за простување на гревовите.
29. И вам ви велам, зашто отсега нема да пијам од овој лозов плод сѐ до оној ден, кога ќе пијам нов со вас, во царството на Мојот Отец.“
30. И откако испеаја благодарствена песна, се искачија на Маслиновата Гора.
31. Тогаш Исус им рече: „Сите вие ќе се соблазните поради Мене уште оваа ноќ; зашто е напишано: ‚Ќе удрам по пастирот и овците од стадото ќе се разбегаат.‘
32. А по воскресението Мое ќе отидам пред вас во Галилеја.“
33. Тогаш Петар Му одговори и рече: „Дури и сите да се соблазнат поради Тебе, јас никогаш нема да се соблазнам.“
34. Исус му рече: „Вистина, ти велам: оваа ноќ уште пред да пропее петел, трипати ќе се одречеш од Мене.“
35. Петар Му кажа: „Ако затреба дури и да умрам со Тебе, нема да се откажам од Тебе!“ Истото го рекоа и сите ученици.
36. Потоа отиде Исус со нив на едно место, наречено Гетсиманија, и им рече на учениците: „Поседете тука, додека отидам онаму да се помолам.“