поглавја

  1. 1
  2. 2
  3. 3
  4. 4
  5. 5

Нов Завет

Јаков 2 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (MK2006D)

Верата е непристрасна

1. Браќа мои, држете ја непристрасно верата во Исус Христос, нашиот Господ на славата!

2. Ако во вашето собрание влезе човек со златен прстен, во светли алишта, и влезе сиромав човек со проста облека,

3. па се загледате на облечениот во светли алишта и му речете: „Ти седни овде убаво!“, а на сиромашниот му ре­чете: „Ти стој таму!“, или „Седни овде, крај подножјето мое!“,

4. зарем со тоа не покажувате прис­трас­ност, и не станувате судии со лоши помисли?

5. Послушајте, возљубени браќа мои, не ги избра ли Бог сиромашните од овој свет да бидат богати во верата и наследници на царството, ветено од Него на оние кои Го љубат?

6. А вие го посрамивте сиромавиот! Не се ли богатите тие што ве мачат и ве влечат по судови?

7. Не го хулат ли тие вашето добро име, со кое сте се нарекле?

8. Ако, пак, го извршувате царскиот закон според Писмото: „Возљуби го ближниот како самиот себе“ – добро правите.

9. Но, ако сте пристрасни, грев пра­вите; и Законот ве осудува како прес­тапници.

10. Зашто, кој го пази целиот Закон, а згреши само во едно, виновен ќе биде за сѐ.

11. Зашто Оној, Кој рекол: „Не прави прељуба!“, рекол и: „Не убивај!“ Па затоа, ако не вршиш прељуба, а убиеш, ти ќе станеш престапник на Законот.

12. Зборувајте и постапувајте како оние што ќе бидат судени според за­ко­нот на слободата.

13. Зашто судот ќе биде безмилосен спрема оној кој не покажува милост; милоста надвива над судот.

Без дела верата е мртва

14. Каква е ползата, браќа мои, ако некој рече дека има вера, а дела нема? Може ли верата да го спаси?

15. Ако некој брат или сестра се голи и немаат што да јадат,

16. па некој од вас им рече: „Одете си со мир, грејте се и наситете се!“, а не им даде што им е потребно за телото – каква полза?

17. И така, верата, ако нема дела, сама по себе е мртва.

18. Но може некој да рече: ти имаш вера, а јас имам дела. Покажи ми ја својата вера без дела, а јас преку моите дела ќе ти ја покажам мојата вера.

19. Ти веруваш дека Бог е еден: добро правиш; но и злите духови веруваат, а треперат.

20. Не сакаш ли да разбереш, о суетен човеку, дека верата без дела е мртва?

21. Нели со дела беше оправдан Авра­ам, нашиот татко, откако врз жрт­веникот го положи својот син Исак?

22. Гледаш ли дека верата дејствуваше заедно со делата негови, и дека преку делата, верата стана совршена?

23. И се изврши Писмото, кое вели: „Му поверува Авраам на Бога, и тоа му се сметаше за праведност“, и тој се на­рече – пријател Божји.

24. Гледате ли дека човекот се оправдува со дела, а не само со вера?

25. А така не се оправда ли со дела и блудницата Раав, откако ги прими из­ви­дувачите и ги изведе по друг пат?

26. Зашто, како што е телото без дух мртво, така и верата без дела е мртва.