20. благодарејќи Му секогаш за сѐ на Бога и Отецот, во името на нашиот Господ Исус Христос;
21. покорувајте се еден на друг во страхопочит Божји.
22. Вие, жените, покорувајте им се на мажите свои, како на Господ,
23. зашто мажот е глава на жената, како што е и Христос глава на Црквата, и Тој е Спасител на телото.
24. Па, како што Црквата Му се покорува на Христос, така и жените да им се покоруваат на своите мажи во сѐ.
25. Вие, мажите, сакајте ги жените свои, како што Христос ја засака Црквата и се предаде Себе за неа,
26. за да ја освети, очистувајќи ја со водна бања преку словото;
27. та да ја претстави пред Себе како славна Црква, која нема осквернување, или порок, или нешто слично, туку да биде света и непорочна.
28. И така, мажите се должни да ги сакаат жените свои како што ги сакаат своите тела; зашто, кој ја сака жената своја, тој се сака и самиот себеси.
29. Зашто никој никогаш не го намразил телото свое, туку го храни и го стоплува, како и Господ Црквата,
30. бидејќи ние сме делови на Неговото тело, од Неговото тело и коските Негови.
31. „Поради тоа, човекот ќе го остави својот татко и мајката своја, и ќе се придружи кон жената своја, та обајцата ќе бидат едно тело.“
32. Оваа тајна е голема. Но јас ви зборувам за Христос и за Црквата.
33. И така, секој од вас да си ја сака жената своја, како што се сака самиот себе, а жената да го почитува мажот свој.