1. Чеда мои, ова ви го пишувам за да не грешите; и ако некој згреши, кај Отецот имаме Застапник, Исус Христос, Праведникот;
2. а Тој е жртва за измирување за нашите гревови, и не само нашите, туку и гревовите на целиот свет.
3. По тоа знаеме дека сме Го познале, кога ги чуваме Неговите заповеди.
4. Кој вели: „Го познав“, а заповедите Негови не ги чува, тој е лажливец и во него нема вистина;
5. а кој го пази словото Негово, во него Божјата љубов навистина е совршена: по тоа знаеме дека сме во Него.
6. Кој вели дека во Него пребива, должен е да постапува така, како што постапи и Тој.
7. Возљубени, не ви пишувам нова заповед, туку старата заповед, што ја имавте од почетокот. Старата заповед е словото, што го чувте од почетокот.
8. А сепак, нова заповед ви пишувам – нешто што е вистина и во Него и во вас; зашто темнината одминува, а вистинската светлина веќе свети.
9. Кој вели дека е во светлина, а го мрази братот свој, тој е сѐ уште во темнина.
10. Кој го сака својот брат, тој е во светлина и во него нема соблазна.
11. А кој го мрази братот свој, тој се наоѓа во темнина, и во темнина оди, и не знае ни каде оди, бидејќи темнината му ги ослепила очите негови.
12. Ви пишувам, чеда, дека заради Неговото име ви се простени гревовите.
13. Ви пишувам вам, татковци, зашто Го спознавате Оној Кој е од почеток; ви пишувам, вам, момчиња, зашто го победивте лукавиот.
14. Ви напишав вам, чеда, бидејќи го познавте таткото. Ви напишав, вам, татковци, бидејќи Го познавте Оној Кој е од почеток; ви напишав вам, момчиња зашто сте силни, и словото Божјо пребива во вас, па го победивте лукавиот.
15. Не љубете го светот и сѐ што е во него. Ако некој го љуби светот, во него нема љубов од Отецот.
16. Зашто, сѐ што е во светот – похотата на телото, похотливоста на очите и горделивоста на животот, не е од Отецот, туку од овој свет.