поглавја

  1. 1
  2. 2
  3. 3
  4. 4
  5. 5

Нов Завет

1 Јован 2 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (MK2006D)

Христос ни доаѓа на помош

1. Чеда мои, ова ви го пишувам за да не грешите; и ако некој згреши, кај Отецот имаме Застапник, Исус Хрис­тос, Праведникот;

2. а Тој е жртва за измирување за на­шите гревови, и не само нашите, туку и гревовите на целиот свет.

3. По тоа знаеме дека сме Го познале, кога ги чуваме Неговите заповеди.

4. Кој вели: „Го познав“, а заповедите Негови не ги чува, тој е лажливец и во него нема вистина;

5. а кој го пази словото Негово, во него Божјата љубов навистина е совршена: по тоа знаеме дека сме во Него.

6. Кој вели дека во Него пребива, дол­жен е да постапува така, како што пос­тапи и Тој.

Нова заповед

7. Возљубени, не ви пишувам нова за­повед, туку старата заповед, што ја имавте од почетокот. Старата заповед е словото, што го чувте од почетокот.

8. А сепак, нова заповед ви пишувам – нешто што е вистина и во Него и во вас; зашто темнината одминува, а вистинската светлина веќе свети.

9. Кој вели дека е во светлина, а го мрази братот свој, тој е сѐ уште во тем­нина.

10. Кој го сака својот брат, тој е во светлина и во него нема соблазна.

11. А кој го мрази братот свој, тој се на­оѓа во темнина, и во темнина оди, и не знае ни каде оди, бидејќи темнината му ги ослепила очите негови.

12. Ви пишувам, чеда, дека заради Не­говото име ви се простени гревовите.

13. Ви пишувам вам, татковци, зашто Го спознавате Оној Кој е од почеток; ви пишувам, вам, момчиња, зашто го победивте лукавиот.

14. Ви напишав вам, чеда, бидејќи го познавте таткото. Ви напишав, вам, татковци, бидејќи Го познавте Оној Кој е од почеток; ви напишав вам, момчиња зашто сте силни, и словото Божјо пребива во вас, па го победивте лукавиот.

15. Не љубете го светот и сѐ што е во него. Ако некој го љуби светот, во него нема љубов од Отецот.

16. Зашто, сѐ што е во светот – похотата на телото, похотливоста на очите и горделивоста на животот, не е од Отецот, туку од овој свет.

17. А светот е минлив и похотите не­го­ви, а оној што ја извршува волјата Бож­ја, останува довека.

Христовите непријатели

18. Чеда, последен час е. И како што сте слушале дека ќе дојде Антихрист, и сега веќе се појавија многу антихристи; од тоа разбираме дека е последниот час.

19. Тие излегоа од нас, но не беа наши; бидејќи ако беа наши, ќе останеа со нас; но излегоа, за да биде јасно дека не се сите наши.

20. А вие имате помазание од Светиот, и сите тоа го знаете.

21. Не ви пишав дека не ја знаете вис­тината, туку затоа што ја знаете и затоа што знаете дека ниедна лага не доаѓа од вистината.

22. Кој е лажливец, ако не оној, што порекнува дека Исус е Христос? Анти­христ е тој што Ги порекнува Отецот и Синот.

23. Секој што Го порекнува Синот, Го нема ниту Отецот; а кој Го признава Синот, Го има и Отецот.

24. И така, сѐ што чувте во почетокот, тоа и нека остане кај вас; ако остане во вас она што го чувте од почетокот, и вие ќе пребивате во Синот и во Отецот.

25. А ова е ветувањето што ни го вети Тој: вечниот живот.

26. Тоа ви го пишав поради оние што ве мамат.

27. А вие, помазанието што го примив­те од Него, останува во вас, и немате потреба некој да ве поучува; но бидејќи Неговото помазание ве учи на сѐ, и е вистинито, и не е лага, затоа останете во Него онака како што ве научило тоа.

28. И така, чеда, останете во Него, та, кога ќе се јави Тој, да имаме смелост и да не се посрамиме од Него кога ќе дојде.

29. Кога знаете дека Тој е праведен, знајте го и тоа дека секој, кој врши правда, е роден од Него.