1. Чеда мои, ова ви го пишувам за да не грешите; и ако некој згреши, кај Отецот имаме Застапник, Исус Христос, Праведникот;
2. а Тој е жртва за измирување за нашите гревови, и не само нашите, туку и гревовите на целиот свет.
3. По тоа знаеме дека сме Го познале, кога ги чуваме Неговите заповеди.
4. Кој вели: „Го познав“, а заповедите Негови не ги чува, тој е лажливец и во него нема вистина;
5. а кој го пази словото Негово, во него Божјата љубов навистина е совршена: по тоа знаеме дека сме во Него.
6. Кој вели дека во Него пребива, должен е да постапува така, како што постапи и Тој.
7. Возљубени, не ви пишувам нова заповед, туку старата заповед, што ја имавте од почетокот. Старата заповед е словото, што го чувте од почетокот.
8. А сепак, нова заповед ви пишувам – нешто што е вистина и во Него и во вас; зашто темнината одминува, а вистинската светлина веќе свети.
9. Кој вели дека е во светлина, а го мрази братот свој, тој е сѐ уште во темнина.
10. Кој го сака својот брат, тој е во светлина и во него нема соблазна.
11. А кој го мрази братот свој, тој се наоѓа во темнина, и во темнина оди, и не знае ни каде оди, бидејќи темнината му ги ослепила очите негови.
12. Ви пишувам, чеда, дека заради Неговото име ви се простени гревовите.