Нов Завет

Римјаните 5:1-11 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)

1. Сега, кога стекнавме праведност преку вера, живееме во мир со Бог по заслуга на нашиот Господ Исус Христос.

2. Благонаклоноста на Бог спрема нас, која сега ја уживаме, ја добивме преку вера во Исус Христос. Затоа се гордееме и со нетрпение очекуваме и ние да ја споделуваме Божјата слава.

3. Но тоа не е се. Ние ја гледаме светлата страна и кога поднесуваме неволи, свесни дека преку неволи се здобиваме со трпеливост,

4. трпеливоста гради цврст карактер, а карактерот ни ја одржува надежта

5. што никогаш нема да не разочара. Темел на нашата надеж ни е Божјата љубов што веќе е влеана во нашите срца, со посредство на Светиот Дух.

6. Имено, уште додека бевме беспомошни, во вистинскиот момент Христос умре за нас, иако ние не го познававме Бога.

7. Тешко би се нашол човек што би се понудил да умре дури и за некој праведен човек. За исклучително добар човек, можеби некој и би се решил да умре,

8. но Бог ни покажа колку многу не сака кога Го испрати Христос да умре за нас уште додека бевме грешници.

9. Сега, откако сме оправдани преку крвта на Христос што се пролеа за нас, можеме да бидеме уште посигурни дека заради Исус ќе бидеме поштедени од Божјиот гнев.

10. Ако додека уште бевме непријатели, се смиривме со Бог преку смртта на Неговиот син, колку посигурни можеме да бидеме сега, кога сме смирени и кога Исус е жив, дека ќе бидеме поштедени од Божјиот гнев!

11. Затоа имаме причина да се гордееме со Бог и со она што Тој го направи за нас со посредство на нашиот Господ Исус Христос, Кој не смири со Бог.

Прочитајте целосна глава Римјаните 5