поглавја

  1. 1
  2. 2
  3. 3
  4. 4
  5. 5
  6. 6
  7. 7
  8. 8
  9. 9
  10. 10
  11. 11
  12. 12
  13. 13
  14. 14
  15. 15
  16. 16
  17. 17
  18. 18
  19. 19
  20. 20
  21. 21
  22. 22

Нов Завет

Откровение 4 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)

1. Потоа имав друго видение. На небото видов отворена врата. Тогаш ми проговори истиот глас, силен како од труба, како и на почетокот, и ми рече: „Искачи се овде, за да ти покажам што ќе се случува во иднината!“

2. Тогаш паднав во занес и таму, на небото, видов престол и Некој што седи на престолот.

3. Ликот на Тој што седеше на престолот Му блескаше како скапоцените камења јаспис и карнеол. Околу престолот имаше круг од божилак, со боја на смарагд.

4. Исто така, околу централниот престол имаше дваесет и четири други престоли. На нив седеа дваесет и четири старешини, облечени во бели облеки, со златни венци на главите.

5. Од централниот престол излегуваа молскавици, грмежи и татнежи. Пред престолот гореа седум факли кои Го претставуваа седумкратниот Божји Дух.

6. Исто така, пред престолот се простираше нешто што прилегаше на стаклено море, бистро како кристал. Околу централниот престол имаше четири живи суштества полни со очи и однапред и одназад.

7. Првото суштество беше како лав, второто како јунец, третото со лице на човек, а четвртото беше како орел во лет.

8. Секое суштество имаше по шест крилја, и беа полни со очи и однадвор и однатре. Овие суштества деноноќно и без прекин викаат: “Свет е, свет е, свет е Господ, Семоќниот Бог, Кој отсекогаш постоел, постои и ќе дојде!“

9. Секојпат кога четирите суштества Му оддаваа слава, чест и благодарност на Оној што седеше на престолот - на Вечно Живиот -

10. во истиот миг дваесет и четирите старешини паѓаа ничкум и Му се поклонуваа на Вечно Живиот, положувајќи ги своите венци пред престолот и говорејќи:

11. „Достоен Си, Господе и Боже наш, да примиш слава, чест и власт, зашто Ти си Творецот на се, и се што постои, Тебе Ти го должи своето постоење и создавање!“