поглавја

  1. 1
  2. 2
  3. 3
  4. 4
  5. 5
  6. 6
  7. 7
  8. 8
  9. 9
  10. 10
  11. 11
  12. 12
  13. 13
  14. 14
  15. 15
  16. 16
  17. 17
  18. 18
  19. 19
  20. 20
  21. 21
  22. 22

Нов Завет

Откровение 18 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)

1. Потоа видов еден друг ангел како слегува од небото. Тој имаше голема моќ и од неговиот сјај светна и Земјата.

2. Ангелот извика со силен глас: „Падна, падна големиот Вавилон и се претвори во живеалиште на демони, гнездо на сите нечисти духови и гнасни птици, дувло на сите гнасни животни!

3. Зашто сите народи ги опијани со жестокото вино на својот блуд! Сите владетели на Земјата блудничеа со вавилонската блудница, а сите трговци на Земјата се богатеа од нејзината необуздана похот“!

4. Тогаш од небото се јави еден друг глас, кој рече: „Истапи од вавилонската блудница, народе Мој! Не учествувај во нејзините гревови, за да не станеш соучесник во нејзината казна!

5. Зашто нејзините гревови се напластија до небото, и Господ ќе ја казни за нејзината изопаченост!

6. Направете и како што таа ви правеше вам, вратете и двојно за злото што таа ви го стори! Нека испие двојно погорчлива напивка од онаа што им ја даваше на другите!

7. Зададете и толку маки и жалости, колку што раскош и уживања самата си даваше! Во своето срце таа се фалеше: ,Еве, седам како кралица, а не како вдовица; за мака нема никогаш да знам!‘

8. Затоа, во еден ист ден ќе биде погодена со жалост, глад и смрт! Во оган ќе биде изгорена, зашто Судија ќе и биде Господ, моќниот Бог!“

9. А владетелите од целата Земја, кои соучествуваа во нејзиниот блуд и уживаа во нејзиниот раскош, ќе плачат по неа и ќе тагуваат кога ќе го видат димот од огнот што ќе ја изгори.

10. Ќе стојат понастрана, исплашени од нејзините страдања и ќе лелекаат: „Леле, леле, величествен граде Вавилоне! Во еден миг се истури врз тебе Божјата пресуда!“

11. Плачат и тагуваат трговците на Земјата, зашто никој веќе не ја купува нивната стока:

12. изработките од злато, сребро, скапоцени камења; од бисер, од ленено платно и од пурпур, од свила и од скерлет, од разни видови на миризливо дрво, предмети од слонова коска, од скапоцено дрво, од бронза, железо и од мермер;

13. цимет и балсам, мириси и мелеми, темјан и вино, масло, бело брашно и пченица, говеда и овци, коњи и коли, робови и живи луѓе ...

14. „Одземени ти се плодовите по кои копнееше; сиот раскош и слава ги загуби засекогаш и никогаш повеќе нема да ги добиеш!“

15. Трговците што тргуваа со сите овие работи, кои таа ги збогати, ќе стојат на оддалеченост, исплашени од нејзините маки, ќе плачат и ќе тагуваат велејќи:

16. „Леле, леле, величествен граде, облечен во свила и пурпурно-црвена облека, накитен со злато, со скапоцени камења и со бисери!

17. За еден миг исчезна твоето огромно богатство!“ А на морето сите сопственици на бродови, кормиларите, патниците и морнарите и сите што тргуваа по море стоеја поскраја

18. и, гледајќи го димот од огнот во кој гореше Вавилон, извикуваа: „Немаше друг град како овој!“

19. Си ги посипуваа главите со прав, и со плачење и тага говореа: “Леле, леле, величествен граде! Сите сопственици на бродови се богатеа од твојот раскош. А сега за миг испусте!“

20. Но небото се радува, а со него и Божјите свети луѓе, апостолите и пророците, зашто, осудувајќи го Вавилон, Бог докажа дека тие беа во право!

21. Тогаш еден силен ангел зеде камен, голем како воденички камен, го фрли во морето и извика: „Вака, со еден замав, ќе биде стрмоглавен величествениот град Вавилон и никогаш повеќе нема да се подигне!

22. Во него нема повеќе да се чуе музика од харфи и пејачи, свирачи или трубачи. Никаков работник, од ниеден занает веќе нема да се најде во тебе и мелниците ќе замолкнат засекогаш.

23. Веќе нема да се види светлина од светилка во тебе, ни глас од младоженец и од невеста нема да се чуе во тебе. Зашто, твоите трговци господареа со светот; со своите магии ти ги заблуди сите народи.

24. Во тебе се пролеваше крвта на пророците и на Божјите свети луѓе и на сите погубени од целиот свет!“