поглавја

  1. 1
  2. 2
  3. 3
  4. 4
  5. 5
  6. 6
  7. 7
  8. 8
  9. 9
  10. 10
  11. 11
  12. 12
  13. 13
  14. 14
  15. 15
  16. 16
  17. 17
  18. 18
  19. 19
  20. 20
  21. 21
  22. 22

Нов Завет

Откровение 13 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)

1. Змејот застана на морскиот брег. Потоа забележав како од морето излегува еден Ѕвер со десет рогови и седум глави. На секој од десетте рогови носеше круна, а на секоја глава носеше натписи со богохулни имиња.

2. Ѕверот имаше тело како од леопард, нозе како од мечка, а уста како од лав. Змејот му ги предаде на Ѕверот својата моќ, својот престол и својата голема власт.

3. Забележав дека една од главите на Ѕверот му беше смртоносно ранета. Но смртоносната рана му зарасна и сите жители на Земјата се занесоа по Ѕверот:

4. Тие почнаа да го обожаваат Ѕверот и да му се клањаат на Змејот што му ја беше дал сета своја власт на Ѕверот. Му се клањаа и на Ѕверот и говореа: „Кој е како Ѕверот и кој може да му се противстави!?“

5. На Ѕверот му беше дозволено да се нафрли и да Го навредува Бога, и да владее четириесет и два месеци.

6. Тогаш Ѕверот отвори уста и почна да Го навредува Бога, да ги хули Неговото име, Неговото живеалиште, како и небесните жители.

7. На Ѕверот му беше дозволено да војува против Божјите луѓе и да ги надвие. Му беше дадена власт над секое племе, народ, јазик и раса.

8. На Ѕверот ќе му се поклонуваат сите оние жители на Земјата чии имиња уште пред создавањето на светот не се запишани во Книгата на животот што Му припаѓа на Јагнето, Кое беше убиено.

9. Ако имате слух - слушајте!

10. Кој е определен за ропство - ќе падне во ропство; кој е определен да загине од меч - ќе загине од меч! А Божјите луѓе се повикани на трпеливост и верност!

11. Потоа видов и втор Ѕвер. Тој излегуваше од Земјата. Имаше два рога како јагне, но зборуваше со глас на змеј.

12. Овој Ѕвер е во служба на првиот Ѕвер, кој имаше смртоносна рана што му зарасна. Тој ќе ја користи сета своја власт да ги натера сите луѓе на Земјата да му се клањаат на првиот Ѕвер.

13. Притоа, тој ќе извршува и големи чуда; ќе направи дури и оган од небото да паѓа, пред очите на луѓето.

14. Целта на вториот Ѕвер е да ги заведе луѓето на Земјата, со чудата што ќе ги извршува. Тој ќе ги убеди луѓето да му направат икона на Ѕверот што беше смртно ранет со меч, но преживеа.

15. Нему ќе му биде дозволено да внесе живот во иконата, која ќе проговори и ќе ги убива сите што нема да му се клањаат на Ѕверот.

16. Тој ќе ги принуди сите луѓе - мали и големи, богати и сиромаси, слободни или робови - да бидат обележени на десната рака или на челото.

17. Без тој белег никој не ќе може ништо да купува или да продава. Белегот ќе биде името на Ѕверот или бројот што ќе го претставува неговото име.

18. Потребна е мудрост за да се разбере ова. Тој што е прониклив, ќе може да го открие значењето на бројот на Ѕверот. Бројот се однесува на човек и изнесува 666.