Нов Завет

Лука 9:2-19 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)

2. Потоа ги испрати да проповедаат за Божјото царство и да исцелуваат болни,

3. давајќи им ги следниве упатства: „Ништо не понесувајте на пат: ни стап, ни торба, ни леб, ни пари, ниту облека за пресоблекување!

4. Кога ќе дојдете во некоја куќа каде што ќе ви укажат гостоприемство, останете таму сe додека не си заминете од тој крај.

5. Онаму каде што нема да ве примат, напуштете го тој град и истресете го правот од своите нозе, како сведоштво против нив.“

6. Учениците заминаа и обиколувајќи ги селата ја проповедаа Радосната вест и исцелуваа болни насекаде.

7. Кога слушна за сето ова Ирод, гувернерот на областа Галилеја, се вознемири, зашто едни тврдеа дека Јован Крстител воскреснал од мртвите,

8. други, пак, дека се појавил пророкот Илија, а трети дека воскреснал некој од старите пророци.

9. Ирод говореше: „На Јован Крстител јас му ја отсеков главата; кој ли е човекот за кого слушам вакви необични работи!?“ И настојуваше да се види со Исуса.

10. По извесно време, апостолите се вратија кај Исус и Му раскажаа за она што го беа направиле. Тогаш Тој ги поведе насамо, на едно тивко место, во околината на градот Бетцаида.

11. Но кога луѓето разбраа каде е, се упатија кон Него. Тој ги прими и им говореше за Божјото царство и ги исцелуваше сите оние на кои им требаше оздравување.

12. При квечерината, кај Исус дојдоа Неговите дванаесетмина ученици и Му рекоа: „Пушти ги луѓето да отидат до околните села и куќи и да си најдат преноќевалиште и храна, зашто местово е пусто.“

13. Но Исус им рече: „Дајте им вие нешто да јадат.“ Тие Му одговорија: „Имаме само пет леба и две риби; освен ако сакаш да појдеме и да купиме храна за сите овие луѓе.“

14. А имаше околу пет илјади мажи. Исус им рече на учениците: „Нека поседнат луѓето во групи од по педесет души.“

15. Така и направија, ги испоседнаа сите луѓе.

16. Исус ги зеде петте леба и двете риби, и со поглед кон небото ги благослови и ги раскрши. Потоа им подаде на учениците да им ги разделат на луѓето.

17. Сите јадеа и се наситија, а собраа и дванаесет кошници остатоци.

18. Еднаш, кога Исус се молеше на тивко место, со Него беа само Неговите ученици. Тогаш Тој ги праша: „За Кого Ме сметаат луѓето?“

19. Тие Му одговорија: „Едни велат дека си Јован Крстител, други дека си пророкот Илија, а трети дека си еден од старите пророци кој воскреснал од мртвите.“

Прочитајте целосна глава Лука 9