поглавја

  1. 1
  2. 2
  3. 3
  4. 4
  5. 5
  6. 6
  7. 7
  8. 8
  9. 9
  10. 10
  11. 11
  12. 12
  13. 13
  14. 14
  15. 15
  16. 16
  17. 17
  18. 18
  19. 19
  20. 20
  21. 21
  22. 22
  23. 23
  24. 24

Нов Завет

Лука 9 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)

1. Еден ден, Исус ги повика Своите дванаесет ученици и им даде моќ, овластувајќи ги да истеруваат демонски духови и да исцелуваат болести.

2. Потоа ги испрати да проповедаат за Божјото царство и да исцелуваат болни,

3. давајќи им ги следниве упатства: „Ништо не понесувајте на пат: ни стап, ни торба, ни леб, ни пари, ниту облека за пресоблекување!

4. Кога ќе дојдете во некоја куќа каде што ќе ви укажат гостоприемство, останете таму сe додека не си заминете од тој крај.

5. Онаму каде што нема да ве примат, напуштете го тој град и истресете го правот од своите нозе, како сведоштво против нив.“

6. Учениците заминаа и обиколувајќи ги селата ја проповедаа Радосната вест и исцелуваа болни насекаде.

7. Кога слушна за сето ова Ирод, гувернерот на областа Галилеја, се вознемири, зашто едни тврдеа дека Јован Крстител воскреснал од мртвите,

8. други, пак, дека се појавил пророкот Илија, а трети дека воскреснал некој од старите пророци.

9. Ирод говореше: „На Јован Крстител јас му ја отсеков главата; кој ли е човекот за кого слушам вакви необични работи!?“ И настојуваше да се види со Исуса.

10. По извесно време, апостолите се вратија кај Исус и Му раскажаа за она што го беа направиле. Тогаш Тој ги поведе насамо, на едно тивко место, во околината на градот Бетцаида.

11. Но кога луѓето разбраа каде е, се упатија кон Него. Тој ги прими и им говореше за Божјото царство и ги исцелуваше сите оние на кои им требаше оздравување.

12. При квечерината, кај Исус дојдоа Неговите дванаесетмина ученици и Му рекоа: „Пушти ги луѓето да отидат до околните села и куќи и да си најдат преноќевалиште и храна, зашто местово е пусто.“

13. Но Исус им рече: „Дајте им вие нешто да јадат.“ Тие Му одговорија: „Имаме само пет леба и две риби; освен ако сакаш да појдеме и да купиме храна за сите овие луѓе.“

14. А имаше околу пет илјади мажи. Исус им рече на учениците: „Нека поседнат луѓето во групи од по педесет души.“

15. Така и направија, ги испоседнаа сите луѓе.

16. Исус ги зеде петте леба и двете риби, и со поглед кон небото ги благослови и ги раскрши. Потоа им подаде на учениците да им ги разделат на луѓето.

17. Сите јадеа и се наситија, а собраа и дванаесет кошници остатоци.

18. Еднаш, кога Исус се молеше на тивко место, со Него беа само Неговите ученици. Тогаш Тој ги праша: „За Кого Ме сметаат луѓето?“

19. Тие Му одговорија: „Едни велат дека си Јован Крстител, други дека си пророкот Илија, а трети дека си еден од старите пророци кој воскреснал од мртвите.“

20. „А за Кого Ме сметате вие?“ Петар одговори: „Ти Си Месијата испратен од Бог!“

21. Тогаш Исус строго им заповеда да не го кажуваат ова никому.

22. Им го рече уште и тоа, дека Тој, Синот Човечки, мора многу да страда, отфрлен од старешините, од високото свештенство и од вероучителите; дека ќе биде убиен и дека ќе воскресне на третиот ден.

23. Потоа Исус им се обрати на сите: „Тој што сака да биде Мој следбеник, треба да се откаже од своите себични амбиции, секојдневно да го носи својот крст и да тргне по Моите стапки.

24. Секој што сака да си го чува животот само за себе - ќе го загуби; а тој што ќе го загуби животот заради Мене - ќе го спаси.

25. Дали е добивка за човекот ако го добие и целиот свет, а себеси се изгуби и упропасти?

26. Ако некој се срами од Мене и Моето учење, и Јас, Синот Човечки, ќе се срамам од него кога ќе дојдам во Својата слава и во славата на небесниот Татко и на светите ангели.

27. Ве уверувам дека меѓу вас што стоите овде, има некои што нема да умрат додека не Го видат Божјото царство.“

28. По околу една седмица откако ги изговори овие зборови, Исус ги зеде со Себе Петар, Јаков и Јован и се искачи на планината, за да се моли.

29. Додека се молеше, лицето Му се преобрази и облеката Му стана блескаво бела.

30. Наеднаш, во Негова придружба се најдоа двајца мажи кои разговараа со Него. Тоа беа Мојсеј и пророкот Илија.

31. Нивниот изглед беше величествен и тие разговараа со Исус за смртта што Го очекуваше во Ерусалим.

32. Петар и неговите другари ги беше совладал сон, но кога се разбудија Го видоа Исуса во величествен изглед, како и двајцата што стоеја со Него.

33. Додека Мојсеј и Илија се разделуваа од Исус, Петар проговори, во отсуство на присебност: „Господару! Колку ни е убаво овде! Ајде да направиме три колиби: една за Тебе, една за Мојсеј и една за Илија!“

34. Додека го изговараше ова, надојде облак и ги покри. Кога се најдоа во облакот, учениците многу се исплашија,

35. а од облакот се чу глас, кој рече: „Ова е Мојот Син, Избраникот Мој; Него слушајте Го!“

36. Кога се чу гласот, Исус веќе беше останал Сам. Учениците молчеа за ова и во тоа време никому не му кажуваа за тоа што го беа виделе.

37. Утредента додека Исус и тројцата Негови ученици слегуваа од планината ги пресретна многуброен народ.

38. Еден човек извика од толпата: „Учителе! Те молам, погледни го мојот син, тој ми е единец!

39. Го напаѓа зол дух, го тера да вреска, го фрла наваму-натаму и пена му избива на устата. Многу го измачува и долго не го пушта.

40. Ги молев Твоите ученици да го истераат тој дух, но тие не можеа!“

41. Исус одговори: „Ах, колку неверно и грешно поколение сте вие! До кога ќе морам да останам со вас и да ве поднесувам!?“ Потоа му рече на човекот: „Донеси го синот овде!“

42. Додека момчето приоѓаше, демонскиот дух го кутна наземи и почна да го измачува. Исус со наредба го изгони демонскиот дух и го исцели момчето, па му го врати на таткото.

43. Сите останаа вчудовидени пред Божјата моќна сила. И додека народот сe уште се восхитуваше од она што го правеше Исус, Тој им се обрати на Своите ученици и им рече:

44. „Запомнете ги добро овие зборови: Синот Човечки ќе биде предаден во рацете на луѓето.“

45. Но учениците не ги разбраа овие зборови. За нив ова остана таинствено, а не се осмелуваа да Го прашаат Исуса што значат тие зборови.

46. Меѓу учениците на Исус се разви расправија за тоа, кој од нив е најголем?

47. Исус, познавајќи ги нивните мисли, повика едно дете, го стави крај Себе,

48. и им рече: „Тој што го прима ова дете во Мое име - Мене Ме прима; а кој Ме прима Мене, Го прима Оној што Ме испрати. Најголем меѓу сите вас е оној што е најпонизен!“

49. Тогаш Јован Му рече на Исус: „Господару! Видовме еден човек, кој во Твое име изгонува демонски духови и му наредивме да престане, зашто тој не оди со нас.“

50. Но Исус му одговори: „Немојте да му забранувате! Кој не е против вас, тој е со вас!“

51. Кога наближи времето да биде вознесен на небото, Исус решително тргна кон Ерусалим.

52. Испрати гласници пред Себе, кои отидоа во едно самариско село, за да Му приготват преноќевалиште,

53. но тие не сакаа да Го примат, зашто Тој одеше за Ерусалим.

54. Кога го слушнаа тоа учениците Јаков и Јован, рекоа: „Господе, сакаш ли да заповедаме да слезе оган од небото, па да ги уништи, како што направи Илија?“

55. Но Исус се сврте кон нив и ги прекори.

56. Потоа Исус и Неговите ученици отидоа во друго село.

57. Додека патуваа, еден човек Му пристапи и рече: „Готов сум да Те следам насекаде!“

58. А Исус му одговори: „Лисиците си имаат дувла, птиците гнезда, но Јас, Синот Човечки, немам Свое место за почивање.“

59. А на еден друг човек, Исус му рече: „Дојди и биди Мој следбеник!“ Но човекот рече: „Господе, дозволи ми најпрво да одам да го погребам татко ми.“

60. Исус му одговори: „Остави ги духовно мртвите да ги погребуваат своите мртовци. Ти тргни да проповедаш за Божјото царство!“

61. И трет човек Му се обрати на Исус: „Ќе тргнам со Тебе, Господе, но дозволи ми најпрво да отидам и да се збогувам со моето семејство!“

62. Исус му рече: „Божјото царство нема полза од човек кој ја става раката на ралото, а гледа назад!“