Нов Завет

Галатјаните 1:11-24 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)

11. Сакам да знаете, драги пријатели, дека Радосната вест што јас ви ја проповедав не потекнува од човек,

12. зашто јас не ја чув од човек, ниту за неа некој ми раскажа, туку ја добив преку откровение директно од Исус Христос.

13. Вие сигурно сте слушнале каков бев јас додека и припаѓав на еврејската религија. Безмилосно ја прогонував Божјата црква и се обидував да ја уништам.

14. Јас во еврејската религија напредував многу повеќе од повеќето мои современици и сонародници и бев многу поревносен во спроведувањето на обичаите на моите предци.

15. Но Бог ме одбра уште од утробата на мојата мајка и ме повика, поради Својата благонаклоност што јас не ја заслужувам.

16. Реши да ми Го открие Својот Син, за да проповедам за Него меѓу нееврејските народи. За таа задача јас не барав совети од луѓе, суштества од крв и месо.

17. Не отидов во Ерусалим кај оние што уште пред мене беа апостоли, туку веднаш заминав за Арабија, а подоцна повторно се вратив во Дамаск.

18. Дури по три години отидов во Ерусалим, да се запознаам со Петар и со него останав петнаесет дена.

19. Со другите апостоли, освен со Јаков, братот Господов, не се ни сретнав.

20. Бог ми е сведок дека ова што ви го пишувам не е лага, туку е вистина.

21. Потоа заминав за Сирија и Киликија.

22. Христијаните во Јудеја се уште не ме познаваа лично,

23. туку само беа слушнале дека „оној што ги прогонуваше, сега и самиот ја проповеда верата што сакаше да ја уништи“.

24. И Го славеа Бог заради тоа што го направи со мене.

Прочитајте целосна глава Галатјаните 1