поглавја

  1. 1
  2. 2
  3. 3
  4. 4
  5. 5
  6. 6

Нов Завет

Галатјаните 1 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)

1. Од Павле, повикан да биде апостол не од луѓе, ниту со помош на луѓе, туку од Исус Христос и од Бог Таткото, Кој Го воскресна Исуса од мртвите.

2. Сите христијани што се со мене, се придружуваат кон ова писмо што го упатуваме до црквите во Галатија.

3. Бог, Кој е наш Татко и Господ Исус Христос нека ви бидат благонаклонети и нека ви дадат мир.

4. Христос ја исполни волјата на Бог, нашиот Татко и доброволно се предаде како жртва за нашите гревови, за да не спаси од овој зол свет во кој живееме.

5. Затоа Нему Му припаѓа сета слава за вечни времиња. Амин! Постои само една Радосна вест

6. Не можам да се изначудам како толку брзо се одметнавте од Бог, Кој поради Својата љубов и милост спрема вас ве покани да станете сонаследници на Христовите заслуги, а вие се свртевте кон друга Радосна вест!

7. А друга Радосна вест не постои. Некои луѓе сакаат да ве збунат, изопачувајќи ја Радосната вест за Христос.

8. Проклет да биде секој што ќе ви проповеда Радосна вест поинаква од онаа што ви ја проповедавме ние, па макар да е тоа и некој од нас или да е ангел од небото!

9. Веќе кажав, но пак ќе повторам: проклет да биде секој што ќе ви проповеда Радосна вест поинаква од онаа што ја примивте!

10. Дали јас се обидувам да им угодам на луѓето и ним да им се умилкувам? Мене ми е важно Бог да го одобрува тоа што го проповедам. Да ми беа важни луѓето, немаше да станам службеник на Христос!

11. Сакам да знаете, драги пријатели, дека Радосната вест што јас ви ја проповедав не потекнува од човек,

12. зашто јас не ја чув од човек, ниту за неа некој ми раскажа, туку ја добив преку откровение директно од Исус Христос.

13. Вие сигурно сте слушнале каков бев јас додека и припаѓав на еврејската религија. Безмилосно ја прогонував Божјата црква и се обидував да ја уништам.

14. Јас во еврејската религија напредував многу повеќе од повеќето мои современици и сонародници и бев многу поревносен во спроведувањето на обичаите на моите предци.

15. Но Бог ме одбра уште од утробата на мојата мајка и ме повика, поради Својата благонаклоност што јас не ја заслужувам.

16. Реши да ми Го открие Својот Син, за да проповедам за Него меѓу нееврејските народи. За таа задача јас не барав совети од луѓе, суштества од крв и месо.

17. Не отидов во Ерусалим кај оние што уште пред мене беа апостоли, туку веднаш заминав за Арабија, а подоцна повторно се вратив во Дамаск.

18. Дури по три години отидов во Ерусалим, да се запознаам со Петар и со него останав петнаесет дена.

19. Со другите апостоли, освен со Јаков, братот Господов, не се ни сретнав.

20. Бог ми е сведок дека ова што ви го пишувам не е лага, туку е вистина.

21. Потоа заминав за Сирија и Киликија.

22. Христијаните во Јудеја се уште не ме познаваа лично,

23. туку само беа слушнале дека „оној што ги прогонуваше, сега и самиот ја проповеда верата што сакаше да ја уништи“.

24. И Го славеа Бог заради тоа што го направи со мене.