Нов Завет

Дела Ап. 19:7-23 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)

7. Во таа група беа околу дванаесет мажи.

8. Потоа Павле одеше во ефешката синагога три месеци каде со голем жар им проповедаше на Евреите, се расправаше со нив и ги убедуваше во врска со Божјото царство.

9. Кога еден дел од нив тврдоглаво одбија да поверуваат и почнаа јавно да зборуваат лоши работи за Христовото учење, Павле ја напушти синагогата, но ги поведе со себе оние што поверуваа во Христа и секојдневно проповедаше во училиштето на Тиран.

10. Ова продолжи во текот на две години, така што сите жители на Азија, и Евреи и Грци, имаа можност да ја слушнат Господовата порака.

11. Бог преку Павле правеше многу необични чуда,

12. така што дури и кога врз болните ќе ставеа шамивче или дел од облека што се допрела до телото на Павле болестите исчезнуваа, а обземените се ослободуваа од демонските духови.

13. Неколку Евреи што патуваа од место во место и истеруваа демони, се обидоа над обземените од демонски духови да го употребат името на Господ Исус велејќи: „Во името на Исус, Оној за Кого Павле проповеда, ви наредуваме да излезете!“

14. Тоа го правеа седумтемина синови на еврејскиот Првосвештеник Скева.

15. Но демонскиот дух им одговори: „Исус Го знам, а и Павле го знам, но вас не ве знам!“

16. Па го натера човекот во кој беше влезен да се нафрли врз нив и да ги претепа, па тие голи и испоранети избегаа од куќата.

17. За ова дознаа сите што живееја во Ефес, и Евреи и Грци, па ги фати страв и искажуваа голема почит спрема името на Господ Исус.

18. Мнозина од оние што поверуваа доаѓаа и се исповедаа, признавајќи ги своите грешни дела.

19. Дури и некои од оние што се занимавале со магии ги донесуваа своите книги за магии и пред сите ги запалуваа. Цената на запалените книги изнесуваше педесет илјади сребреници.

20. Така пораката за Господ брзо се ширеше и јакнеше.

21. По овие настани, поттикнат од Светиот Дух, Павле реши да ги посети Македонија и Ахаја, па да замине за Ерусалим. „А потоа,“ - рече тој - „ќе треба да го посетам и Рим.“

22. Ги испрати во Македонија двајцата свои помошници, Тимотеј и Ераст, а тој уште некое време остана во Азија.

23. Во тоа време во Ефес настанаа големи немири заради Христовото учење.

Прочитајте целосна глава Дела Ап. 19