Нов Завет

Дела Ап. 19:4-16 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)

4. Павле им рече: „Јован ги крштаваше луѓето кои се каеја поради своите гревови. И самиот тој им велеше на луѓето дека е неопходно да веруваат во Оној што доаѓа веднаш по него, а тоа беше Исус.“

5. Кога го слушнаа ова, одново се крстија, овојпат во името на Господ Исус.

6. Потоа Павле се помоли за нив, положувајќи ги над нив рацете и Светиот Дух слезе врз нив, па тие почнаа да зборуваат на други јазици и да пророкуваат.

7. Во таа група беа околу дванаесет мажи.

8. Потоа Павле одеше во ефешката синагога три месеци каде со голем жар им проповедаше на Евреите, се расправаше со нив и ги убедуваше во врска со Божјото царство.

9. Кога еден дел од нив тврдоглаво одбија да поверуваат и почнаа јавно да зборуваат лоши работи за Христовото учење, Павле ја напушти синагогата, но ги поведе со себе оние што поверуваа во Христа и секојдневно проповедаше во училиштето на Тиран.

10. Ова продолжи во текот на две години, така што сите жители на Азија, и Евреи и Грци, имаа можност да ја слушнат Господовата порака.

11. Бог преку Павле правеше многу необични чуда,

12. така што дури и кога врз болните ќе ставеа шамивче или дел од облека што се допрела до телото на Павле болестите исчезнуваа, а обземените се ослободуваа од демонските духови.

13. Неколку Евреи што патуваа од место во место и истеруваа демони, се обидоа над обземените од демонски духови да го употребат името на Господ Исус велејќи: „Во името на Исус, Оној за Кого Павле проповеда, ви наредуваме да излезете!“

14. Тоа го правеа седумтемина синови на еврејскиот Првосвештеник Скева.

15. Но демонскиот дух им одговори: „Исус Го знам, а и Павле го знам, но вас не ве знам!“

16. Па го натера човекот во кој беше влезен да се нафрли врз нив и да ги претепа, па тие голи и испоранети избегаа од куќата.

Прочитајте целосна глава Дела Ап. 19