Нов Завет

2 Тимотеј 2:10-26 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)

10. Готов сум се да издржам, ако со тоа придонесам оние што Бог ги одбрал да добијат спасение и вечна слава, бидејќи Му припаѓаат на Исус Христос.

11. Вистина е дека: „Ако сме умреле со Христос, со Него и ќе живееме.

12. Ако издржиме, со Него ќе владееме. Ако се откажеме од Него и Тој ќе се откаже од нас.

13. Ако не Му бидеме верни, Тој сепак ќе остане верен, зашто Христос не може да се порекне Самиот Себе.“

14. Потсетувај ги луѓето на овие работи. Сериозно предупредувај ги во Божјото име да не се фаќаат за збор и од тоа да прават расправии. Од такви расправии ништо добро не може да произлезе. Тие можат само да ги уништат оние што ги слушаат.

15. Труди се да се докажеш пред Бог, како работник кој нема од што да се срами, зашто правилно ја проповеда вистината.

16. Одбегнувај безбожни и бесмислени расправи. Тие само ги оддалечуваат луѓето од Бог.

17. Таквите учења се како рак-рана што се шири по телото. Именеј и Филет ти се пример за тоа.

18. Скршнаа од вистината. Тврдат дека мртвите веќе воскреснале. Тоа ја поткопа верата кај некои луѓе.

19. Без оглед на тоа, темелот што Бог го има поставено е цврст. Врз него стои напишано: „Господ знае кои луѓе се Негови. Секој што се повикува на Господовото име треба да се откаже од секаков грев.“

20. Во богатите куќи нема само садови од злато и сребро, туку има и дрвени и глинени садови. Некои се за свечена, а некои за секојдневна употреба.

21. Така е и со луѓето. Ако човек се исчисти, Бог ќе го издвои за посебни задачи и ќе може да го употреби за секаква добра работа.

22. Бегај од искушенија својствени за млади луѓе! Стреми се кон праведност, вера, љубов и мир, заедно со оние што со чисто срце Го повикуваат Господ.

23. Не учествувај во глупави и бесмислени расправии. Тие само доведуваат до кавги.

24. Човек што Му служи на Бог не треба да се кара, туку да биде љубезен спрема сите, да ги поучува, да биде трпелив,

25. кротко да ги поучува оние што и се противставуваат на вистината. Можеби Бог ќе им помогне да се покаат и да ја сфатат вистината.

26. Тогаш ќе си дојдат на себеси и ќе се извлечат од стапицата во која ги има фатено Ѓаволот и ги има натерано да ги извршуваат неговите наредби.

Прочитајте целосна глава 2 Тимотеј 2