Нов Завет

2 Тимотеј 1:7-18 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)

7. Божјиот Дух не создаде од нас плашливци. Напротив, ни даде сила, љубов и самодисциплина.

8. Затоа, немој да се срамиш да им зборуваш на луѓето за нашиот Господ. Немој да се срамиш ни од мене, сега кога сум в затвор поради тоа што проповедам за Господ. Искористи ја силата што ти ја дава Бог и придружи ми се во ширењето на Радосната вест, дури и ако треба заради тоа да поминеш низ страдања.

9. Бог не спаси и не одбра да живееме свет живот, не поради тоа што ние со нашите постапки тоа го заслужуваме, туку затоа што тоа беше Негов план уште пред почетокот на времето - да ни ја искаже Својата благонаклоност преку Исус Христос.

10. Сега, со доаѓањето на нашиот Спасител Исус Христос, тоа ни стана јасно. Од една страна, Тој ја порази смртта, а од друга страна, преку Радосната вест, ни го покажа патот кон вечниот живот.

11. Бог ме постави за проповедник, апостол и учител на Радосната вест.

12. Тоа е причината поради која сега страдам в затвор. Но не се срамам! Јас знам во Кого верувам и убеден сум дека Тој ќе ми го запази она што сум Му го доверил, се до Оној Ден.

13. Придржувај се до здравото учење што го доби од мене, а верноста и љубовта на Исус Христос нека ти бидат пример.

14. Со помош на Светиот Дух, Кој живее во нас, чувај го она што Бог ти го довери.

15. Ти знаеш дека сите христијани што дојдоа овде од Азија, вклучувајќи ги Фигел и Ермоген, ме напуштија.

16. Господ нека го благослови домот на Онисифор. Тој често ме посетува и не се срами поради тоа што сум в затвор.

17. Веднаш штом стигнал во Рим упорно ме барал додека не ме најде.

18. Господ нека му биде посебно благонаклонет во Оној Ден. Вие добро знаете колку многу тој ми помагаше додека бев во Ефес.

Прочитајте целосна глава 2 Тимотеј 1