Нов Завет

2 Петар 2:13-22 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)

13. Ќе страдаат како казна за сите страдања што ги предизвикале. За нив претставува уживање сред бел ден да се препуштат на разврат. Кога јадат и пијат со вас, тие се дамки на вашиот углед и само ве осрамотуваат, зашто тоа го прават од нечисти мотиви.

14. Очите им се полни со прељуба. Нивната желба за грев е незаситна. Ги заведуваат неутврдените луѓе, а срцата им се навикнати на алчност. Тоа се проколнати луѓе!

15. Скршнувајќи од вистинскиот пат, тие заталкаа. Се поведоа по примерот на пророкот Балаам, синот на Беор, кој за пари беше готов да постапува неправично.

16. Но тој беше прекорен за својот престап. Неговото магаре, немо животно, прозборува со човечки глас и го натера да прекине со тие неразумни постапки.

17. Таквите луѓе се како пресушени извори, како облаци разнесени од ветрот. За нив е обезбедено место во најцрната темнина.

18. Устите им се полни со празни фалби. Со своите незауздани телесни похоти, тие ги заведуваат луѓето кои одвај се оттргнале од живеење во заблуди.

19. Им ветуваат слобода, а самите се робови на корупција, зашто човек му робува на она што не може да го заузда.

20. Ако тие навистина се оттргнаа од валканите навики на овој свет кога дознаа за нашиот Господ и Спасител Исус Христос, и сега пак се вплеткуваат во стапицата на развратноста и претрпуваат пораз, тогаш нивната сегашна состојба е полоша од онаа на почетокот!

21. Подобро ќе беше да не го запознаеја патот на праведноста, отколку, откако го запознаа, да и свртат грб на светата заповед што им беше дадена!

22. Ним им се случи она што го кажуваат поговорките: “Песот се враќа на сопствената блујавица.“ и „Откако се искапала, свињата во калта се вратила!“

Прочитајте целосна глава 2 Петар 2