поглавја

  1. 1
  2. 2
  3. 3
  4. 4
  5. 5
  6. 6
  7. 7
  8. 8

Стар Завет

Нов Завет

П.надпесн. 2 БИБЛИЈА (Свето Писмо): Стариот и Новиот Завет (MKB)

1. Јас сум саронски цвет, лилјан во долина!

2. Што е лилјанот меѓу трњето, тоа е мојата возљубена меѓу девиците.

3. Што е јаболкницата сред горските дрва, тоа е мојот возљубен меѓу младите. Сакам да седам во нејзината сенка; а нејзините плодови му се слатки на моето грло.

4. Ме воведе во собите на виното и ме покри со знамето на љубовта.

5. Поткрепете ме со колачиња, освежете ме со јаболка, зашто јас сум изнемоштена од љубов.

6. Неговата лева рака ми е под главата, а со десната ме прегрнува.

7. Ве заколнувам, ерусалимски ќерки, во полските срни и елени, не ја будете и не ја тревожете мојата љубов, додека самата не посака.

8. Гласот на мојот возљубен! ете го, доаѓа, прелетува преку гори, прескокнува брегови.

9. Мојот возљубен е како срна, тој е како еленче. Ете, тој стои зад нашиот ѕид; гледа низ прозорците, наѕира низ решетките.

10. Мојот возљубен почнува да ми зборува: „Стани, моја возљубена, убавице моја, и дојди!

11. зашто, ете, зимата веќе помина, дождот замина и прекрати.

12. Цвеќињата се покажуваат по земјата, дојде време за пеење; и грличиниот глас се слуша во нашиот крај.

13. Смоквата ги исфрли првите плодови, лозјето мириса во цветање. Стани, моја возљубена, убавице моја, и дојди!

14. Гулабице моја, во каменливи пештери, во стрмните и карпести засолништа! дај да ти го видам лицето и да ти го чујам гласот; зашто твојот глас е милозвучен, а твоето лице е прекрасно!”

15. Ловете ги лисиците, малите лисици, што ги оштетуваат лозјата, нашите лозја во цутењето.

16. Мојот возљубен ми припаѓа мене, а јас нему; тој пасе меѓу лилјаните.

17. Пред денот да издивне и пред да се спуштат сенките, врати се, возљубен мој: биди лесен како срна, како срниче на гората Бетер.