поглавја

  1. 1
  2. 2
  3. 3
  4. 4
  5. 5
  6. 6
  7. 7
  8. 8

Стар Завет

Нов Завет

П.надпесн. 5 БИБЛИЈА (Свето Писмо): Стариот и Новиот Завет (MKB)

1. Дојдов во мојата градина, сестро моја, невесто, ги берам мојата смирна и моите мириси, ги јадам мојот мед и моите саќи, ги пијам моето вино и моето млеко. Јадете, пријатели, пијте и наситувајте се, возљубени мои!

2. Јас спијам, но моето срце бдее. Одненадеж глас! Мојот возљубен ми потчукнува: „Отвори ми, сестро моја, возљубена моја; гулабице моја, совршена моја; зашто главата ми е полна со роса, а косата со ноќна влага.”

3. „Ја соблеков мојата облека, како да ја облечам? Ги измив нозете, како да ги извалкам пак?”

4. Мојот возљубен ја провна раката низ отворот и сета моја внатрешност се возбуди од него.

5. Станав, за да му отворам на мојот возљубен, а од мојата рака капеше смирна и потече низ прстите на рачката на клучалката.

6. Му отворив на мојот возљубен, а тој веќе се беше оддалечил и исчезнал; останав без здив кога замина. Го барав, но не го најдов, го викав, но не се одѕва.

7. Ме сретнаа стражарите, кои го обиколуваат градот; ме биеја, ме ранија; и ми ја зедоа наметката чуварите на ѕидовите.

8. Ве заколнувам, ерусалимски ќерки, ако го сретнете мојот возљубен, што ќе му речете? Дека јас изнемоштувам од љубов.

9. „Во што е твојот возљубен подобар од другите, о, најлична меѓу жените? Во што е твојот возљубен подобар од другите, па нè заколнуваш така?”

10. Мојот возљубен е бел и румен, повеќе од десет илјади други.

11. Неговата глава е како злато - чисто злато; кадриците од косата, како млади палмини гранчиња, црни како гавран.

12. Неговите очи се како гулаби над поточната вода. Забите му се како измиени со млеко, наредени во рамка.

13. Неговите образи се како леи со мирисливи билки; како благомирисно цвеќе, усните му се лилјани, од кои тече смирна.

14. Рацете му се златно прстење, полно со скапоцености; неговите гради - како извајани од слонова коска, покриена со сафири.

15. Нозете му се столбови од мрамор на златни подножја; растот му е како Ливан, величествен како кедар.

16. Говорот му е сладок и сиот е од љубезност. Таков е мојот возљубен, таков е мојот пријател, ерусалимски ќерки!