Стар Завет

Нов Завет

Јоил 2:12-21 БИБЛИЈА (Свето Писмо): Стариот и Новиот Завет (MKB)

12. „Но и сега - Господово е словото - вратете се кон Мене со сето свое срце во пост, плач и ридање.”

13. Раскинете ги срцата, а не своите облеки! Обратете Му се на Бога, вашиот Бог, зашто Тој е добар и многумилостив, Тој ќе се сожали на бедата.

14. Кој знае не ќе ли се нажали пак, не ќе ли остави благослов зад Себе! Лебниот принос и налевници за Господа, вашиот Бог!

15. Свирете во рог на Сион! Наредете свет пост, огласете свечен собир,

16. соберете го народот, осветете го соборот. Соберете ги старците, приберете ги децата, па и доилчињата од градите. Младоженецот нека излезе од свадбената соба, а невестата од ложницата.

17. Меѓу тремот и жртвеникот нека плачат свештениците, Господовите слуги. Нека молат: „Смили му се Господи, на Својот народ! Не му го предавај Своето наследство на срамот, на потсмев на народите. Зошто да се рече меѓу народите: ‘Каде им е нивниот Бог?’”

18. Тогаш Господ, ќе ревнува за Својата земја, и ќе го помилува Својот народ.

19. Господ ќе му одговори на Својот народ: „Еве ви испраќам жито, вино и масло, за да се наситите со нив. Никогаш веќе не ќе дозволам да им бидете срам на народите.

20. Ќе го протерам дојдениот од север далеку од вас, ќе го протерам во сува и пуста земја, со неговата претходница до Источното Море, со неговата заднина до Западното Море. Ќе се крене неговиот непријатен мирис, ќе се дига неговата смрдеа. Зашто направил многу.”

21. О земјо, не бој се! Биди весела, радувај се, зашто Господ направи големи дела.

Прочитајте целосна глава Јоил 2