поглавја

  1. 1
  2. 2
  3. 3
  4. 4
  5. 5
  6. 6
  7. 7
  8. 8
  9. 9
  10. 10
  11. 11
  12. 12
  13. 13
  14. 14
  15. 15
  16. 16

Стар Завет

Нов Завет

Римјаните 1 БИБЛИЈА (Свето Писмо): Стариот и Новиот Завет (MKB)

1. Павле, слуга на Исуса Христа, повикан за апостол, одделен за Евангелието од Бога,

2. кое Тој го вети однапред преку Своите пророци во Светите писма,

3. а кое зборува за Неговиот Син, по тело роден од Давидовото семе,

4. по Духот на осветувањето посведочен за Божји Син во сила - преку воскресението од мртвите - Исус Христос, нашиот Господ;

5. преку Кого добивме благодат и апостолство, за да ги приведеме сите народи, кон послушноста на верата, заради Името Негово,

6. меѓу кои сте и вие повикани од Исуса Христа,

7. - до сите возљубени од Бога, повиканите свети, кои се во Рим: благодат вам и мир од Бога нашиот Татко и од Господа Исуса Христа.

8. Пред сè Му благодарам на мојот Бог преку Исуса Христа за сите вас, зашто за вашата вера се зборува по целиот свет.

9. И Бог, Кому Му служам со својот дух во објавувањето на Евангелието за Неговиот Син, ми е сведок дека постојано си спомнувам за вас

10. секогаш во моите молитви, да успеам барем еднаш, по Божја волја, да дојдам при вас;

11. зашто сакам да ве видам, да ви дадам некој духовен дар за ваше зацврстување,

12. односно: меѓу вас, заедно со вас, да најдам утеха преку заедничката вера - вашата и мојата.

13. Не сакам, браќа, да ви остане непознато, дека многупати имав намера да дојдам при вас - но бев спречуван досега - за да имам некој плод и меѓу вас, како и меѓу другите народи.

14. Јас сум им должник и на Грците и на варварите, и на мудрите и на неразумните.

15. И така, доколку е од мене, готов сум да ви го проповедам Евангелието и вам, кои сте во Рим.

16. Зашто, јас не се срамам од Евангелието, бидејќи тоа е Божја сила за спасение на секој кој верува, првин за Јудеецот, а и за Гркот.

17. Зашто во него се открива Божјата правда, од вера во вера, како што е напишано: „Праведникот ќе живее од верата.”

18. Зашто Божјиот гнев се открива од небото на секоја безбожност и неправда на луѓето, кои со неправдата ја задржуваат вистината;

19. зашто ним им е познато она што може да се знае за Бога; Бог им го јави тоа.

20. Па и Неговите невидливи својства, Неговата вечна сила и Божеството, можат да се согледаат од создавањето на светот, набљудувани преку творбите. Па така немаат изговор.

21. Зашто, иако Го познаа Бога, не Го прославија како Бог, ниту покажаа благодарност; туку станаа суетни во своите мисли и нивното неразумно срце се помрачи.

22. Зборувајќи дека се мудри, станаа безумни,

23. и ја заменија славата на нераспадливиот Бог со слика слична на распадлив човек, на птици, на четвороножни животни, и на лазачи.

24. Затоа Бог ги предаде, според желбите на нивните срца, на нечистотата, така што сами да ги обесчестат своите тела;

25. нив, кои Божјата вистина ја заменија со лага, и му се поклонуваа и служеа на созданието место на Создателот, Кој е благословен довека, Амин!

26. Затоа Бог ги предаде на срамни страсти: нивните жени го заменија природното општење со неприродно;

27. мажите, исто така, го оставија природното општење со жена и се распалија со сладострасност еден кон друг, правејќи - мажи со мажи - срамни работи, добивајќи заслужена плата во себе за својата заблуда.

28. И бидејќи не се обидоа да Го имаат Бога во нивните мисли, Бог ги предаде на нивниот изопачен ум, за да прават што не прилега:

29. исполнети со секаков вид неправда, расипаност, алчност, зло; полни со завист, убиства, расправии, лукавства, подмолност; озборувачи,

30. клеветници, мразители на Бога, насилници, горди, самопофалувачи, измислувачи на зла, непокорни на родителите,

31. неразумни, неповерливи, без љубов и без милосрдие.

32. Тие ја знаат Божјата правда: дека оние, кои прават така, заслужуваат смрт, па сепак не само што го прават тоа, туку им одобруваат и на другите, кои прават.