поглавја

  1. 1
  2. 2
  3. 3
  4. 4
  5. 5
  6. 6
  7. 7
  8. 8
  9. 9
  10. 10
  11. 11
  12. 12
  13. 13
  14. 14
  15. 15
  16. 16

Стар Завет

Нов Завет

Римјаните 12 БИБЛИЈА (Свето Писмо): Стариот и Новиот Завет (MKB)

1. Затоа ве молам, браќа, заради Божјата милост, да ги принесете вашите тела во жива, света и угодна жртва на Бога, тоа да биде ваша разумна служба.

2. Немојте да се прилагодувате со овој свет; туку, преобразувајте се преку обновувањето на вашиот ум, за да можете да ја дознаете која е добрата, угодна, и совршена Божја волја!

3. Зашто, преку благодатта што ми е дадена, му велам на секој еден помеѓу вас: да не мисли за себе повеќе отколку што треба да мисли - туку мислите нека ви бидат насочени кон разумно размислување, според мерата на верата, која Бог му ја доделил секому.

4. Зашто, како што во едно тело имаме многу членови, а сите членови немаат иста служба,

5. така и ние, мнозината, сме едно тело во Христа, а како поединци - членови сме еден на друг.

6. И имаме разни дарби, според дадената ни благодат: ако е пророштво, нека е согласно со верата!

7. Ако е служење нека служи! Ако е некој учител - нека поучува!

8. Кој има дар за утеха - нека утешува! Кој раздава, нека дава богато! Кој управува, нека биде ревносен! Кој покажува милост, нека го прави тоа весело!

9. Љубовта нека ви биде нелицемерна! Отстранувајте се од злото, прилепувајте се кон доброто!

10. Љубете се еден друг срдечно со братска љубов! Натпреварувајте се во почитување еден кон друг!

11. Бидете неуморни во ревноста! Бидете пламени во духот! Служете Му на Господа.

12. Радувајте се во надежта, бидете трпеливи во неволја; постојани во молитва!

13. Помагајте им на светите во нивните потреби! Ревнувајте во гостољубие!

14. Благословувајте ги оние, кои ве гонат: благословувајте ги, а не проколнувајте ги!

15. Радувајте се со оние, кои се радуваат и плачете со оние, кои плачат!

16. Бидете едномислени едни кон други! Не стремете се кон високи нешта, туку држете се за скромните! Не сметајте се сами себеси мудри!

17. Никому не враќајте зло за зло! А размислувајте за тоа што е добро пред сите луѓе!

18. Ако е можно, доколку зависи од вас, бидете во мир со сите луѓе!

19. Не одмаздувајте се за себе, возљубени; туку дајте му место на Божјиот гнев, зашто е напишано: „Одмаздата е Моја, Јас ќе ја отплатам! - говори Господ.”

20. Туку, ако твојот непријател е гладен, нахрани го; ако е жеден - напој го! Зашто, ако го правиш тоа, ќе натрупаш жар на неговата глава.”

21. Не оставај да те победи злото; туку победи го злото со добро!