поглавја

  1. 1
  2. 2
  3. 3
  4. 4
  5. 5
  6. 6
  7. 7
  8. 8
  9. 9
  10. 10
  11. 11
  12. 12
  13. 13
  14. 14
  15. 15
  16. 16

Стар Завет

Нов Завет

Римјаните 9 БИБЛИЈА (Свето Писмо): Стариот и Новиот Завет (MKB)

1. Зборувам вистина во Христа - не лажам - мојата совест ми сведочи за тоа во Светиот Дух,

2. дека ми е многу жал и дека срцето ме боли непрестано.

3. Имено, би сакал да бидам самиот - како проколнат - одвоен од Христа, за моите браќа, за моите роднини по тело,

4. кои се Израелци; на кои им припаѓаат: посинувањето и славата, заветите и законодавството, богослужението и ветувањата;

5. чии се и татковците, од кои потекнува и Христос по тело, Кој е Бог над сите, благословен во сите векови! Амин!

6. Но не треба да се мисли дека пропадна Божјото слово; зашто не сите, кои водат потекло од Израел, се вистински Израелци,

7. ниту сите се Авраамови деца, затоа што се негово потомство; но „во Исака ќе се нарече Твоето семе,”

8. тоа значи: дека сите деца по тело не се Божји деца, туку децата на ветувањето се сметаат за потомство.

9. А словото на ветувањето е ова: „Ќе дојдам во ова време, и Сара ќе има син.”

10. Но не само таа, туку и Ревека, која зачна од еден, од нашиот татко Исак.

11. Зашто уште додека не беа ни родени близнаците, ниту направиле нешто добро или зло; за да остане онака како што Бог определил по свој избор, да не зависи од делата, туку од Оној Кој повикува;

12. нејзе и беше речено: „Поголемиот ќе му служи на помалиот,”

13. како што е напишано: „Јакова го возљубив, а Исава го замразив.”

14. И така, што ќе речеме? Има ли неправда во Бога? Да не биде!

15. Зашто му вели на Мојсеја: „Ќе го помилувам, кого го милувам и ќе го сожалам, кого го сожалувам.”

16. Според тоа, не зависи од оној, кој сака; ниту од оној, кој трча, туку од милостивиот Бог.

17. Зашто Писмото му вели на фараонот: „Имено, затоа те издигнав, за да ја покажам Мојата сила во тебе и за да се разгласи Моето име по целата земја.”

18. Па така: му искажува милост кому сака, а кого сака го прави корав.

19. Сега, ти ќе ми речеш: „Тогаш, зошто укорува? Зашто, кој може да му се воспротиви на Неговиот совет?”

20. Та кој си ти, о човеку, да одговараш против Бога? Зар ракотворбата ќе му рече на својот творец: „Зошто си ме направил така?”

21. Или зар грнчарот нема власт над глината: од истата смеса да направи еден сад за чесна, а друг за нечесна употреба?

22. А што ако Бог - сакајќи да го покаже Својот гнев и да ја пројави Својата сила - со големо долготрпение, ги трпел садовите на гневот, приготвени за погибел,

23. за да го пројави истовремено богатството на Својата слава над садовите на милоста, што ги приготвил отпорано за слава;

24. како такви, нè повика и нас, не само од Јудејците, туку и од народите,

25. како што вели и кај Осија: „Народ, кој не е Мој народ, ќе го наречам Мој; и онаа, која не е возљубена, ќе ја наречам возљубена,”

26. и така ќе се случи дека на местото, каде им беше речено: „Вие не сте Мој народ,” таму ќе бидат наречени синови на живиот Бог.”

27. А Исаија вика за Израел: „Иако бројот на Израелевите синови е колку морскиот песок, ќе се спаси само Остатокот,

28. зашто Господ ќе го спроведе Својот збор на земјата и ќе го заврши брзо.”

29. И како што прорече Исаија: „Ако Господ над Воинствата не ни остави потомство, ќе бевме како Содом и ќе станевме слични на Гомор.”

30. И така, што ќе кажеме? Народите - кои не се стремеа кон праведноста, ја примија праведноста, и тоа праведноста која е преку верата;

31. а Израел - стремејќи се кон законот на праведноста, не стигна до Законот.

32. Зошто? Зашто не настојуваше да го постигне со верата, туку со делата на Законот; се сопна од каменот на сопнување,

33. како што е напишано: „Еве, на Сион поставувам камен за сопнување и стена на соблазан; и кој верува во Него, нема да се посрами.”