поглавја

  1. 1
  2. 2
  3. 3
  4. 4
  5. 5
  6. 6
  7. 7
  8. 8
  9. 9
  10. 10
  11. 11
  12. 12
  13. 13
  14. 14
  15. 15
  16. 16

Стар Завет

Нов Завет

Римјаните 15 БИБЛИЈА (Свето Писмо): Стариот и Новиот Завет (MKB)

1. Ние силните должни сме да ги носиме слабостите на слабите, а да не си угодуваме сами на себеси.

2. Секој од нас нека му угодува на ближниот, во негова полза, за добро,

3. зашто ни Христос не Си угодуваше Сам на Себеси, туку како што е напишано: „Хулите на оние, кои Те хулеа, паднаа на Мене.”

4. Навистина, сè што е напишано некогаш, напишано ни е нам за поука, за да имаме надеж преку трпението и преку утехата од Писмата.

5. И Бог на трпението и утехата да ви даде едномислие меѓу вас по примерот на Исуса Христа,

6. за да Го славите, еднодушно, со една уста, Бог, Таткото на нашиот Господ Исус Христос.

7. Затоа примајте се еден со друг, како што и Христос ве прими за Божјата слава!

8. Зашто велам, дека Христос им послужи на обрезаните поради Божјата вистина, за да ги потврди ветувањата дадени на татковците;

9. а пак народите Го прославуваат Бога поради Неговото милосрдие, како што е напишано: „Затоа ќе Те исповедам меѓу народите и ќе Му пеам на Твоето име.”

10. И пак рече:” Веселете се, народи, со Неговиот народ!”

11. И пак: „Фалете Го Господа сите народи и да Го слават сите племиња!”

12. И пак Исаија вели: „Ќе се јави подник од Јесеевиот корен, и Оној Кој станува за да владее над народите; на Него ќе се надеваат народите!”

13. А Бог на надежта да ве исполни со сета радост и мир во верата, та преку силата на Светиот Дух да ви се збогати надежта.

14. И јас самиот, браќа мои, сум уверен за вас, дека сте и самите полни со доброта, исполнети со секакво знаење и дека можете да се поучувате еден со друг.

15. Но, делумно ви пишав малку послободно, за да ве потсетам на благодатта, која ми ја даде Бог,

16. за да Му бидам служител на Исуса Христа меѓу народите, кој врши света служба на Божјото Евангелие, и да биде мојот принос од народите пријатен, и осветен преку Светиот Дух.

17. И така, можам да се фалам во Христа Исуса за тоа, за Бога,

18. зашто не се осмелувам да кажам нешто што Христос не го извршил преку мене, за да ги доведам народите до послушност, со слово и дело,

19. во силата на знаци и чудеса, во силата на Божјиот Дух. Така што од Ерусалим и наоколу, сè до Илирик, наполно го проповедав Евангелието за Христа.

20. Но, при тоа сметав за чест да не го проповедам Евангелието таму, каде што Христовото име веќе беше познато, за да не ѕидам врз туѓи основи,

21. туку како што е напишано: „Ќе Го видат оние, на кои ништо не им беше навестено за Него, и ќе разберат оние, кои не чуле.”

22. Тоа ме спречи многупати да дојдам при вас.

23. Но сега, зашто веќе немам поле за работа во овие краишта и зашто копнеам веќе многу години да дојдам при вас,

24. кога ќе тргнам за Шпанија; имено, се надевам дека ќе ве видам на минување и дека вие ќе ме испратите натаму, откако најнапред ќе се наситам донекаде со вас.

25. А сега одам за Ерусалим, за да им послужам на светите,

26. зашто Македонија и Ахаја одлучија да соберат некаква заедничка помош за бедните меѓу светите во Ерусалим.

27. Навистина, го одлучија тоа, а и должни им се, зашто, ако народите станаа соучесници на нивните духовни блага, должни се да им послужат во телесните потреби.

28. Кога ќе го свршам ова и кога ќе им го доставам овој плод, ќе тргнам за Шпанија преку вас.

29. И знам, кога ќе дојдам при вас, дека ќе дојдам со полн Христов благослов.

30. Покрај тоа, ве молам, браќа, преку нашиот Господ Исус Христос и преку љубовта на Духот, да се борите со мене, молејќи Му се на Бога за мене,

31. за да се избавам од непокорните во Јудеја и за да им биде благопријатна мојата служба на светите во Ерусалим,

32. та да можам, по Божја волја, радосно да дојдам при вас и да се освежам заедно со вас.

33. А Бог на мирот да биде со сите вас, Амин!