поглавја

  1. 1
  2. 2
  3. 3
  4. 4
  5. 5

Стар Завет

Нов Завет

Јаков 4 БИБЛИЈА (Свето Писмо): Стариот и Новиот Завет (MKB)

1. Од каде се војните и од каде се борбите меѓу вас? Не доаѓаат ли од вашите страсни желби, што се борат во вашите членови?

2. Сакате и немате, убивате и завидувате, и не можете да постигнете; се борите и војувате. Немате, зашто не молите.

3. Барате, но не добивате, зашто барате погрешно, за да го трошите во вашите страсни желби.

4. Прељубници, не знаете ли дека пријателството со светот е непријателство против Бога? И така, кој сака да му биде пријател на светот, Му станува непријател на Бога.

5. Или, мислите ли дека Писмото вели напразно: „До ревност го љуби духот, кој живее во нас?”

6. Но дава поголема благодат. Затоа вели: „Бог им се противи на горделивите, а на смирените им дава благодат.”

7. И така, покорете Му се на Бога; а противите се на ѓаволот и ќе побегне од вас.

8. Приближете се кон Бога, и Тој ќе се приближи кон вас; Исчистете ги рацете, грешници, и очистете ги срцата, луѓе со разделена душа!

9. Бидете нажалени, тагувајте, и заплачете: вашата смеа нека се претвори во тага, а радоста во жалост!

10. Бидете понизни пред Господа, и Тој ќе ве возвиши!

11. Не клеветете се еден друг, браќа; кој го клевети својот брат или го суди својот брат, го клевети законот и го суди законот. А ако го судиш законот, не си извршител на законот, туку негов судија.

12. Само еден е Законодавец и Судија, Кој може и да спаси и да погуби. А кој си ти, што го осудуваш ближниот?

13. Слушајте сега вие, кои велите: „Денес или утре ќе одиме во овој или во оној град, и таму ќе останеме една година, и ќе тргуваме и ќе спечалиме”,

14. вие, кои не знаете што ќе биде утре: зашто, што е вашиот живот? Вие сте пареа, која се јавува за миг, и потоа исчезнува.

15. Место да зборувате: „Ако Господ сака, ќе живееме и ќе направиме ова или она”,

16. вие сега се фалите во својата надуеност. Секоја таква фалба е зла.

17. И така, кој знае да прави добро, а не го прави, грев му е.