поглавја

  1. 1
  2. 2
  3. 3
  4. 4
  5. 5

Стар Завет

Нов Завет

Јаков 1 БИБЛИЈА (Свето Писмо): Стариот и Новиот Завет (MKB)

1. Јаков, слуга на Бога и на Господа Исуса Христа, до дванаесетте распрснати племиња, поздрав.

2. Сметајте ја за чиста радост браќа мои, кога ќе паднете во разни искушенија,

3. знаејќи дека испитувањето на вашата вера создава трпение!

4. А трпението нека има совршено дело, за да бидете совршени и потполни: без никаков недостаток.

5. Ако некому од вас му недостига мудрост, нека ја моли од Бога, Кој им дава на сите изобилно и без укор - и ќе му се даде.

6. Но да моли со вера, без никакво сомнение; зашто оној кој се сомнева е сличен на морскиот бран кого ветерот го издига и го тера.

7. Таквиот човек да не мисли, дека ќе прими нешто од Господа.

8. Човекот со разделена душа е непостојан во сите свои патишта.

9. Бедниот брат да се фали во својата возвишеност,

10. а богатиот во својата понизност, зашто ќе помине како цветот на тревата.

11. Зашто сонцето изгреа со жега и ја осуши тревата, па нејзиниот цвет отпадна и исчезна убавината на нејзиниот изглед. Така и богатиот ќе овене во своите патишта.

12. Блажен е човекот, кој поднесува искушение, зашто кога ќе биде испитан, ќе прими венец на живот, што Бог им го ветил на оние, кои Го љубат.

13. Ниеден, кој е искушуван, да не рече: „Бог ме искушува.” Зашто, Бог не се искушува од злото, и Самиот никого не искушува.

14. Туку, секого го искушува неговата сопствена похот, која го влече и го мами.

15. Потоа похотта зачнува и раѓа грев, а направениот грев раѓа смрт.

16. Не заблудувајте се, возљубени браќа мои.

17. Секој добар дар и секој совршен подарок доаѓа одозгора, од Таткото на светлината, во Кого нема измени, ниту сенка од промена.

18. Тој нè роди според Својата волја преку Словото на вистината, за да бидеме првина на Неговите созданија.

19. Знајте го ова, возљубени браќа мои: секој човек да биде брз во слушањето, а бавен во зборувањето, бавен на гнев,

20. зашто човечкиот гнев не создава правда пред Бога.

21. Затоа отфрлете од себе: секаква нечистота, и последниот остаток на злобата, и примете го со кротост во вас насаденото Слово, кое може да ги спаси вашите души.

22. Но бидете извршители на Словото, а не само слушатели, кои се измамуваат себеси.

23. Зашто, кој го слуша Словото, а не го извршува, сличен е на човек, кој го набљудува своето природно лице во огледало;

24. ќе се погледне и ќе замине, и веднаш заборава каков бил.

25. А кој ќе се загледа во совршениот закон на слободата и остане во него, не како заборавлив слушател, туку како вистински извршител, тој ќе биде блажен во својата дејност.

26. Ако некој мисли дека е побожен, а не го зауздува својот јазик, туку го мами своето срце, неговата побожност е суетна.

27. Ова е чиста и неизвалкана побожност пред Бога и Таткото: да бидат посетувани сираците и вдовиците во нивните неволји, и самиот да се пази себеси непорочен од светот.