поглавја

  1. 1
  2. 2
  3. 3
  4. 4
  5. 5
  6. 6

Стар Завет

Нов Завет

1 Тимотеј 1 БИБЛИЈА (Свето Писмо): Стариот и Новиот Завет (MKB)

1. Павле, апостол на Христа Исуса по повелбата на Бога, нашиот Спасител, и на Христа Исуса, нашата надеж,

2. до Тимотеј, вистинското чедо во верата: благодат, милост и мир од Бог Таткото и Христа Исуса, нашиот Господ.

3. Како што те молев, кога одев во Македонија, да останеш во Ефес, за да им заповедаш на некои да не поучуваат поинаку

4. и да не обрнуваат внимание на митови и бескрајни родословија, кои повеќе ги поттикнуваат препирањата, отколку поткрепата на Божјата управа, која е по верата.

5. А целта на наредбата е: љубов од чисто срце, и добра совест и нелицемерна вера,

6. од што некои откако не ја постигнаа целта, застранија во празни зборови -

7. сакајќи да бидат учители на Законот, иако не го разбираат ни она што го зборуваат, ни она што го тврдат упорно.

8. Ние пак знаеме дека Законот е добар, ако некој го применува законски,

9. знаејќи го ова: дека законот не е воспоставен за праведникот, туку за беззакониците и непокорните, за безбожниците и грешниците, за несветите и нечистите, за убијците на татковци и убијците на мајки; за оние кои убиваат луѓе;

10. за блудниците - и за мажи кои се полово изопачени, за трговците со робови, за лажливците, за лажнозаколнувачите и за сè друго што и е противно на здравата наука,

11. според славното Евангелие на блажениот Бог, кое ми е доверено мене.

12. Му благодарам на Христа Исуса, нашиот Господ, Кој ми даде сила за тоа, зашто ме сметаше верен и ме постави на служба,

13. мене, кој порано бев хулител, и гонител, и насилник. Но добив милост, зашто го правев тоа од незнаење и неверување.

14. А благодатта на нашиот Господ, со верата и љубовта изобилуваше во Христа Исуса.

15. Верно е словото и достојно - за полно примање: Христос Исус дојде во светот да ги спаси грешниците, од кои сум прв јас.

16. А добив милост токму затоа, за да ја покаже Христос Исус, прво во мене, сета своја трпеливост, за пример на оние, кои ќе веруваат во Него за вечен живот.

17. На Царот на вековите - бесмртниот, невидливиот, единствениот Бог - чест и слава во сите векови Амин!

18. Оваа заповед ти ја предавам, чедо Тимотеј, согласно поранешните пророштва за тебе: за да војуваш добра војна,

19. имајќи вера и добра совест, кои некои ја отфрлија и претрпеа бродолом на верата.

20. Меѓу нив се Именеј и Александар, кои ги предадов на сатаната, за да научат да не хулат.