поглавја

  1. 1
  2. 2
  3. 3
  4. 4
  5. 5
  6. 6

Стар Завет

Нов Завет

1 Тимотеј 4 БИБЛИЈА (Свето Писмо): Стариот и Новиот Завет (MKB)

1. А Духот јасно вели дека во подоцнежните времиња некои ќе отстапат од верата и ќе слушаат измамливи духови и ѓаволски учења,

2. преку лицемерството на лажливците, кои се жигосани во својата совест,

3. кои забрануваат стапување во брак и бараат воздржување од јадењата, што Бог ги создаде за да ги земаат со благодарност верните, кои ја познаа вистината.

4. Зашто секое Божјо создание е добро, и ништо не треба да биде отфрлено, ако се прима со благодарност,

5. зашто се осветува преку Божјото слово и молитвата.

6. Ако ги советуваш во ова браќата, ќе бидеш добар служител на Христа Исуса, кој се храни со зборовите на верата и на добрата наука, што ја следиш.

7. А избегнувај од нечисти и бабешки приказни! Туку обучувај се во побожност!

8. Зашто телесната обука е малку полезна, а побожноста е полезна за сè, зашто има ветување за сегашниот и идниот живот.

9. Тоа е вистинско слово и достојно за полно примање.

10. Имено, затоа ние се трудиме и се бориме, зашто се надеваме во живиот Бог, Кој е Спасител на сите луѓе, особено на верните.

11. Наложувај го и учи го ова!

12. Никој да не те презира заради твојата младост! Туку, биди им пример на верните во словото, во поведението, во љубовта, во верата, во чистотата!

13. Додека дојдам внимавај на читањето, на опоменувањето и на поучувањето!

14. Не занемарувај ја дарбата која е во тебе, која ти е дадена преку пророштво, со ракополагањето на старешините.

15. Исполнувај го тоа, биди во тоа, и твојот напредок да им биде видлив на сите!

16. Внимавај на себеси и на учењето! Истрај во тоа, зашто правејќи го ова ќе се спасиш и себеси и оние кои те слушаат.