поглавја

  1. 1
  2. 2
  3. 3
  4. 4
  5. 5
  6. 6

Стар Завет

Нов Завет

1 Тимотеј 5 БИБЛИЈА (Свето Писмо): Стариот и Новиот Завет (MKB)

1. Не укорувај строго постар човек, туку опоменувај го како татко, помладите како браќа,

2. постарите жени како мајки, помладите како сестри со секаква чистота.

3. Почитувај ги вдовиците, кои се вистински вдовици.

4. Ако некоја вдовица има деца или внучиња, тие нека научат прво да покажат побожност кон своето семејство, и да им враќаат на своите родители, зашто тоа е добро и угодно пред Бога.

5. А која е вистинска вдовица и останала сама, таа ја ставила својата надеж во Бога и е постојана деноноќно во просби и молитви.

6. А онаа која живее сладострасно, жива е умрена.

7. Пренеси го и ова: да бидат непорочни.

8. Ако некој не се грижи за своите, особено за домашните, се одрекол од верата и е полош од оној кој не верува.

9. Во вдовичкиот список да се запишува таква вдовица, која не е помлада од шеесет години, која била жена на еден маж,

10. која има сведоштво за добри дела; ако ги одгледала децата, ако била гостољубива, ако им ги миела нозете на светите, ако им помагала на страдалниците; и ако одела по секое добро дело.

11. А помлади вдовици не примај, зашто кога ќе ги привлече насладата, спротивно на Христа, сакаат да се мажат,

12. со што навлекуваат врз себе осуда, зашто отстапиле од првото убедување.

13. А освен тоа, бидејќи се без работа, свикнуваат да одат по куќите. И не само без работа, туку се и зборлести и љубопитни, и зборуваат што не треба.

14. И така, сакам младите вдовици да се мажат, да раѓаат деца, да водат домаќинство, за да не му даваат на противникот никаков повод за хулење.

15. Имено, некои веќе застраниле и тргнале по сатаната.

16. Ако некој верен или верна има вдовици, нека ги помага, и нека не биде оптеретувана црквата, за да може да им помага на оние кои се вистински вдовици.

17. На старешините, кои управуваат добро, треба да им се укажува двојна чест, особено на оние кои се трудат во словото и поучуваат.

18. Зашто Писмото вели: „Не заврзувај му ја устата на волот што врши!” и „Работникот ја заслужува својата плата.”

19. Не примај обвинение против старешина, освен по изјава на двајца или тројца сведоци.

20. Оние кои грешат изобличи ги пред сите, за да имаат и другите страв.

21. И те заколнувам пред Бога, и пред Христа Исуса, и пред избраните ангели, да го пазиш ова без предрасуди и да не правиш ништо по пристрасност!

22. Не полагај раце пребрзо на никого, не учествувај во туѓи гревови! Пази се чист себеси!

23. Не пиј веќе само вода, туку земај по малку вино, заради твојот желудник и честите боледувања.

24. Гревовите на некои луѓе се видливи и одат на суд пред нив, а на некои одат по нив.

25. Исто така и добрите дела се видливи, а и кои не се, не можат да се скријат.