1. Сакам да знаете во каква голема борба сум заради вас и заради оние што се во Лаодикија и во Јерапол, и поради сите, кои не ме видоа лично.
2. Нека се охрабрат срцата нивни та, соединети во љубов во секое богатство, со потполно разбирање, да ја познаат тајната на Бога и Отецот и на Христос,
3. во Кого се скриени сите сокровишта на мудроста и знаењето.
4. А ова ви го велам за да не ве измами некој со лукави зборови;
5. зашто, макар и да сум отсутен со телото, со духот сум при вас, радувајќи се и гледајќи го вашиот ред и цврстината на вашата вера во Христа.
6. Поради тоа, како што Го примивте Господ Исус Христос, така и одете по Него,
7. вкоренети и утврдени во Него и укрепени во верата, како што сте научени, изобилувајќи во неа со благодарност.
8. Браќа, пазете некој да не ве заведе со филозофија и со празна измама што се потпира на човечкото предание, на стихиите на светот, а не по Христос;
9. зашто во Него телесно живее сета полнота на Божеството,
10. и вие да бидете исполнети во Него, Кој е глава на секое началство и власт;
11. во Него сте и обрезани преку неракотворено обрезание, откако го соблековте гревовното тело на плотта преку обрезанието Христово;
12. откако се погребавте со Него во крштевањето, во кое заедно со Него и воскреснавте преку вера во силата на Бога, Кој Го воскресна од мртвите.
13. И вас, кои бевте мртви во гревовите и во необрезанието на вашето тело, Тој заедно со Него ве оживи, простувајќи ви ги сите гревови;
14. извршувајќи го ракописаниот закон, кој со своите прописи стана наш непријател, кого Тој го зеде од средината и го прикова на крстот;
15. и, откако ја зграби силата од началствата и властите, Тој ги изложи јавно на позор и славејќи ја во Себе победата над нив.